Во новиот иновативен простор „Јавна соба“ вчеравечер започна петтото издание на „Skopje Design Week“. Креативците од различни области конечно добија простор што во другите европски градови одамна го има, а каде на вистински начин можат да ја презентираат својата работа.
Иако и досегашната локација, „Куршумли Ан“ со својата автентичност и магија придонесе за препознатливост на оваа манифестација, или како што многумина го нарекуваат креативен фестивал, сепак според впечатоците и коментарите на посетителите вчера, „Јавна соба“ е нешто што сите ги израдува.
Како велат организаторите на настанот, ова издание посебно се насочува кон домашниот дизајн и младите таленти.
-Со „Јавна соба“ ставаме акцент на домашата продукција. Многу се полемизира околу поимот „јавна“, но јавна е бидејќи е отворена за сите – посетители, дизајнери, архитекти, инженери... Се надевам дека во наредните пет години ќе успееме да оствариме нови 150 брендови, но под тоа мислам брендови со вистински производи и извоз. Исто така, би сакал да апелирам до медиумите да се насочат кон домашниот дизајн и креативци, а не само странските или успехот на страна. За да ги прошириме границите на успех, првин мора да тргнеме од дома, да го промовираме домашниот квалитет – посочи директорот на Skopje Design Week и основачот на „Јавна соба“, Александар Велиновски.
„We and nature“ е името на брендот на младата Тамара Георгиевска, чија успешна приказна е тесно поврзана со „Skopje design week“. Голем дел од ентериерот на „Јавна соба“ е изработен токму од неа, а брендот почнала да го гради со учеството на оваа манифестација.
-На Skopje Design Week изложувам мултифункционален мебел изработен од едно парче дрво. Станува збор за три елемента што можат да се комбинираат на различни начини. Ги изложував и минатата година, ова е втора година за мене на Skopje Design Week. Ги изработувам од прилика веќе година и пол. Тука имам изложено и трпезариски маси и редизајн на школски столчиња. Сите се изработени од масивно дрво, со исклучок што кај масите има и употреба на метал, додека за парчињата што се изработени од едно парче дрво, употребував стари македонски дрва постари од 200 години. Се работат мошне долго, бидејќи сѐ е природно, се сушат на природен начин, се третираат природно, тоа е еден долг и интересен процес – ни објасни Георгиевска.
Таа додаде дека учеството на една ваква манифестација носи многу бенефити.
-Skopje Design Week многу ни помага, со тоа што носи многу луѓе од различни профили и им помага на дизајнерите да стапат во контакт со сите тие луѓе, да продаваат, да добијат критика, да добијат совет итн. Освен овде, сум изложувала и на „Саем за мебел“, надвор од Македонија на сличен тип настани како овој, во Сараево... – изјави Тамара
Вниманието ни го привлекоа и парчињата мебел од „Urban old“, а за нив поразговаравме со Орхидеја Огњановска..
-Дел од нашиот бренд „Urban old“ го работиме јас и мојата партнерка Надица Кипровска. Приказната зад брендот е инспирација од парчиња што се постари од 50 години минимум. Идејата е да се редизајнира тој мебел. Линиите што порано ги изработувале на тие стари парчиња мене и на Надица многу ни се допаѓаат и нè фасцинираат, бидејќи денеска не може да се најдат. Постојат некои форми, линии кај дрвените парчиња кои останале здрави низ годините и токму тие нè инспирираат да ги редизајнираме, односно да им дадеме некој наш личен печат. Тоа за нас претставува вистински предизвик, не е лесно, но кога ќе го видиме крајниот производ нè мотивира за понатаму. Ние прв пат сме тука, но за почеток сме многу задоволни – вели Огњановска.
На оваа издание во фокус е и изложбата „Млади балкански дизајнери“. Оваа мрежа која минатата година се формираше на „Skopje design week“ има отворена презентација каде се претставени бенефитите за дизајнерите од регионот.
Во рамки на годинешното издание свое катче има и Fashionel.mk. Со фотографии од дел од нашите соговорници и соработници, ние претставивме едно разиграно порфолио. На тој начин, од една страна, сакавме да им се заблагодариме на сите за досегашната работа, а од друга да ги заинтригираме сите оние што досега не нè запознале да го сторат тоа.
Сите љубители на дизајнот, ќе можат да го посетат „Skopje Design Week“ до 29-ти ноември. И ова издание ќе биде исполнето со бројни интересни работилници, предавања, презентации.
Во рамките на 5. издание на Skopje Design Week, беше промовирана и иницијатавата "Добар проект". "Добар проект"има за цел да истакнува проекти кои ќе им помогнат на исклучително талентираните деца во Македонија да ги остварат своите потреби за надградба, учества во натпревари и усовршувања.
Прв добар проект е 10 годишниот Милан Дучевски, пијанист, добитник на 6 први награди кој заедно со својот ментор, Маја Стојановиќ од Пијано Форте треба да отпатуваат на европското првенство во Италија во април, следната година. За таа цел, потребно е да се соберат 3.500 евра сè со цел овој добар проект да се нарече - успешен. Повеќе информации за овој проект можете да видите тука.
Отворањето помина во знакот на убави луѓе, амбиент и атмосфера. Нашата единствена забелешка е што дел од изложувачите презентираа веќе одамна видени дизајни. Доколку се стремиме кон успешни приказни и брендови, мора да нудиме и нови производи и решенија, секако, во согласност со можносите и условите.
Комплетната програма можете да ја видете на линкот овде, и викендот нека ви помине во знакот на креативноста!
Во продолжение погледнете дел од атмосферата на вчерашното отворање: