Во студентскиот културен центар „Фабрика“, со ревијата „Heroes“ вчеравечер беше отворено годинешното издание на Serbia Fashion Week. На првата вечер се претставија повеќе од 20 дизајнери од Србија и регионот.
Дизајнерите што имаа чест со своите креации да се најдат на првиот ден од манифестацијата се селектирани од српскиот стилист и моден уредник, Срѓан Швељо, а како вели, инспирацијата за ваков, поинаков почеток на модната недела му бил модниот херој Дејвид Боуви.
-Кога истражував како Боуви изгледал во 1970-тите години, се шокирав од фотографиите што ги најдов. Многу потсетуваат на стајлинзите што јас денес ги правам, така што тој ми беше совршена инспирација и како моден херој и како музички херој, бидејќи тој во секој поглед е револуционерен – изјави Швељо.
Тој додава дека кога е машката мода во прашање, во моментот ѝ недостасуваат бои и принтови, за да се избегне монотонијата.
Помеѓу учесниците вчеравечер се најде и нашата дизајнерка Александра Јовановска, како и Бата Спасојевиќ, Марија Јаношевиќ, Томислав Бахориќ од Хрватска, Миро Мишљен од Словенија, Милан Сениќ од Босна и Херцеговина, Бошко Јаковљевиќ и многу други...
Како се вели во соопштението од Serbia Fashion Week, алтернативниот амбиент на „Фабрика“ совршено се вклопил со екстравагантните и ексцентрични модели, а како лајт мотив што ги поврзува сите креации е силната шминка на лицата на машките манекени.
Модната недела ќе трае до 15-ти ноември, а во рамки на манифестацијата ќе се одржат и едукативни семинари, Pop Up продавници и изложбени салони.
Во сите денови, свои креации ќе прикажат повеќе од 70-креатори од земјата и светот.