Започнуваат бесплатните обуки во Елена Лука

14 април 2016

Денеска во Фондацијата Елена Лука беше официјализиран стартот на бесплатните обуки од областа на модниот дизајн за пет жени, во рамките на проектот „Економско зајакнување на жени и девојки".

Целта на овие обуки што ќе се спроведуваат во повеќе сегменти од модниот дизајн во модната куќа Елена Лука, e зајакнување на личните капацитети за конкурентен настап на пазарот на трудот.

„Пред осум години, Елена Лука ја започна својата мисија под мотото „Модерни и хумани", токму со идејата: да се создаваат и остваруваат соништа. Годинава фондацијата започна да функционира како сублимат на долгогодишното искуство и потребата да им се помогне на оние луѓе кои имаат најголема потреба во решавањето на нивните животни и егзистенцијални проблеми. Со овие проекти што ги спроведува фондацијата, ја започнуваме нашата долгорочна мисија, нашето општество да се подобри во секој аспект, секој да ја добие својата шанса, а воедно и да се подигне свеста кај луѓето за општествената одговорност и солидарност", изјави Елена Пандева, генерален менаџер и сопственичка на модната куќа Елена Лука.

Во рамки на овој проект, врз основа на јавен конкурс, избрани се петте жени: Елена Доленц, Емилија Идриз, Маја Стевческа, Снежана Жајдела и Татјана Николовска на кои Елена Лука ќе им обезбеди бесплатни тримесечни обуки за дизајнери, моделари, рачна работа и шивачи.

„Преку зајакнување на капацитетите на жените за конкурентен настап на пазарот на труд Фодацијата Елена Лука придонесува кон овозможување на еднаквите можности во општеството. Имено, целна група во овој проект се жените бидејќи тие, според официјалните статистики се всушност помалку застапени на пазарот на труд во однос на мажите и од друга страна тие се соочуваат со поголема дискриминација на пазарот на труд. За да се намали родовиот јаз на пазарот на труд Фондацијата во периодот кој ќе следи ќе се фоукусира на ова поле", изјави Благородна Шопова, програмски координатор во фондацијата Елена Лука.

На денешниот настан, избраните кандидатки имаа можност непосредно да се запознаат со тимот професионалци на Елена Лука кој што ќе им помогне во спроведувањето на обуките, како и со целиот креативен процес на изработка – од идеја до реализација, во кој и самите ќе учествуваат.

Објавено:
14 април 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.842 пати