Публиката на Fashionel веќе имаше можност да се запознае со младата дизајнерка Бланка Бојовиќ, која веќе долги години живее и работи во Лондон, а со тоа да се запознае и со нејзиниот бренд за лежерна облека (Loungewear)- „Аделејс Лондон“ (Adelais London).
Освен што започнаа и своја онлајн продавница, овој пат ви го презентираме и најновото од неа и брендот, колекцијата за есен-зима 2015 година.
После Шехерезада, Марија Антоанета, Бојовиќ ја најде инспирацијата во филмската икона Марлен Дитрих. Сексапилот и препознатливиот стил на femme fatale на оваа дама ѝ помогнаа на дизајнерката да создаде креации изработени од свила во комбинација со кадифе.
Колекцијата како да е составена од неколку дела, инспирирани од различни нешта, но ги обединува крајниот впечаток и нишката на заводливост.
Набраните и широки ракави на дел од долгите креации се инспирирани од птичји крила и имаат за цел да ја рефлектираат самодовербата и храброста на колекцијата.
Особено впечатливи се креациите во интензивно сина боја, односно долгите фустани од свилен сатен и долгото здолниште, кои веруваме би ѝ се допаднале на секоја жена што сака да се почувствува нежно и истовремено и заводливо.
Со оглед дека допрва нè чекаат зимските ноќи, младата дизајнерка создаде и неколку креации од златен шифон и црно кадифе, и поединечно и во меѓусебна комбинација, како и со свила, идеални за дамите што сакаат да се чувствуваат елегантно, а планираат некој викенд и надвор од градот. Во тој стил се и креациите во боја на цимет. Со нив всушност се алудира на претстојната празнична сезона.
Има и неколку бели комбинации инспирирани од белите зимски утра, што воедно се и контраст на потемните парчиња, како и своевидна референца на Ледената кралица.
Со ова, дизајнерката направи синергија на женственост и храброст, нешто во што ќе се препознае секоја жена што внимава на себе.
Кој вели дека во зима не можеме да бидеме секси?!