Александар Тереков со колоритен лукбук за сите среќни и насмеани девојки

7 ноември 2014

Рускиот дизајнер Александар Тереков ги израдува своите обожаватели со колоритниот лукбук за наредната жешка сезона пролет - лето 2015. За промотор на новата линија е одбрана манекенката Сони Горелова која со грст балони во рака, широка насмевка на лицето и интересни стајлинзи на фотографиите изгледа како среќно дете кое добило најубав подарок за роденден.

Пастелните нијанси, сјајните текстури на материјалите, едноставните здолништа и фустани и колоритните дезени се само дел од карактеристиките со кои се одликуваат парчињата облека за новата топла сезона. Со сигурност во оваа нова линија најмногу ќе се вљубат тинејџерките, но и девојките со ведар и младешки дух.

Темата на која посочува овој весел едиторијал е дека треба да уживаме во убавините на животот, да ги боиме деновите во весели тонови, да носиме розови очила, да се забавуваме и дружиме, бидејќи само радосните и среќните моменти се оние за кои вистински вреди да се бориме и да живееме. Стилизацијата на моделите ги направи дизајнерот Тереков во соработка со стилистот Андреј Артемов, додека зад фотообјективот застана познатиот руски фотограф Алексеј Киселјев.

Објавено:
7 ноември 2014
Категорија: 
Колекции