Првата вечер на Моден викенд Скопје ја затвори ревијата на модното студио „Алшар" со колекција во која преовладуваше сензибилитетот на традицијата на Источната култура.

Како што посочува дизајнерката која се потпишува зад „Алшар", Силвија Михајловска, инспирација за колекцијата насловена Sakura (In)Fusion е уникатниот и необичен спој на пиво и цреша (Скопско Цреша), каде белата флуидност и леснотија на пената се спојуваат со црвеното тело на пивото, а во исто време и од трансформацијата на белиот цвет на црешата во црвен плод – своевидна симболика на трансформација од невиност во сензуалност.

Во дизајнот можевме да забележиме сегменти од традиционалното кимоно, интерпретирано преку широките ракави, асиметричните преклопи и ремените на струк во форма на панделка.
Колекцијата содржи 26 изгледи што се претежно во монохроматска бела, црвена или црна боја, изработени од природни ткаенини со богата структура најмногу од брокат и чипка.

„Иако женственоста е главна референца, во силуетата се вклопени волуменозни форми, геометриски и прави линии разбиени со асиметрични акценти, како и спортски елементи искомбинирани со артистички рачно сликани парчиња. Самата конструкција на кроевите дава скулптурален впечаток на некои креации кои и покрај нивниот впечатлив волумен сепак се меки и удобни за носење. Фузија на контрасти, колекција создадена од "неспоиви" елементи во една необична целина која ја отсликува и мојата долгогодишна работа како сликар во областа на модниот дизајн", вели дизајнерката.

Креациите се надополнети со златни акценти – накит што го изработи Елена Ристовска.

Во однос на прашањето за таргет групата на оваа пролет-лето 2016 колекција на „Алшар", дизајнерката одговари:

-Колекцијата е наменета за самоуверени и смели девојки и жени кои сакаат да се издвојат и да бидат впечатливи и умеат да разликуваат уметност од кич.

По промоцијата на Моден викенд Скопје, колекцијата ќе биде достапна во модното ателје „Алшар".

 

Објавено:
2 април 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
925 пати