Dior Cruise 2025 - во знакот на панкот, тартанот и Шкотска

4 јуни 2024

Марија Грација Кјури покажа една малку поинаква страна на модната куќа низ колекција Dior Cruise 2025.

Ревијата која се одвиваше во дворецот Друмонд во Шкотска, протече во знакот на готиката, тартанот и шкотското наследство.

Ова не е прв пат модната куќа да направи ревија во Шкотска. Самиот основач Кристијан Диор ја одбра токму оваа локација во далечната 1955-та. За таа прилика дизајнерот испрати 172 фустани со приватен авион од Франција за Шкотска.

Тартанот игра главна улога во Cruise колекцијата, а на некои парчиња дури е исцртана и мапата на Шкотска.

По пистата зачекорија модели во високи, гломазни чизми, со метален оклоп на градите и корсети што потсетуваат на крвавото минато на Шкотска.

За изработката на килтовите, Кјури соработуваше со шкотската дизајнерка Саманта Мекоуч, чијшто бренд Le Kilt редизајнира класични килтови.

Она што ни прикажа модната куќа всушност е редизајн на шкотската облека, спој на минатото и сегашноста, со доза на готски романтизам.

Објавено:
4 јуни 2024
Категорија: 
Колекции