Викендов Лондон уживаше во моден театар, и на лондонските улици и на модните писти. Некои од дизајнерите при креирањето на своите колекции за есен-зима 2016 се инспирирале од минатото, други од иднината, а трети направиле временски сублимат. Помеѓу оние линии за следната сезона што најмногу ни го привлекоа вниманието се и поетичната колекција на Александар Меквин, живописната на Мери Катранцу и футуристичката колекција на J.W Anderson.
Поезијата на Меквин
Поетична колекција во која сонот се спојува со реалноста. Сара Бартон суштински ја разбира естетиката на Александар Меквин, а тоа го докажува со секоја наредна линија.
Последнава презентирана на Лондонската модна недела за сезоната есен-зима 2016 е враќање на сржта на она што е Меквин.
Женствена, романтична, мистична, а сепак истовремено авангардна, доминантна, со одредена нота на висока мода.
Транспарентните лелеави материјали на тоалетите се дезенирани со флорални мотиви, пеперутки и принтови од усни, а фокусот кај модните додатоци е ставен на синџирите. Контрастот е присутен и во изборот на материјалите и во моделирањето на креациите, па така во една варијанта имате кожено палто со крзно околу врат и флорален принт, а веќе во другата варијанта ве воодушевуваат романтичните тантелни фустани украсени со сребрени и златни детали.
„Колекцијата е како мечта. Состојба во која се испреплетуваат сонот и реалноста", Сара Бартон вака ја доживува новата есенско-зимска колекција на Меквин.
Живописна колекција на Катранцу
Кроеви инспирирани од 50-тите години што и ласкаат на женската силуета – Мери Катранцу направи свој омаж на женственоста во колекцијата есен-зима 2016.
Современата дама ја претстави низ призма на ретро приказна за „дивиот запад" во која живописните принтови, транспарентните материјали, метализираните ткаенини и богатиот брокат се во совршен спој.
И навидум „неспоивите" дезени и стилови, во оваа колекција добиваат своја комплетна целина која не само што е успешна туку е особено впечатлива и уникатна со оглед на тоа што секој аутфит остава своја приказна за која имате потреба да раскажувате.
Спортски футуризам во колекцијата на J.W Anderson
Временски и стилски микс со естетика инспирирана од 60-тите години на минатиот век, е првиот впечаток од колекцијата за есен-зима 2016 на J.W Anderson.
Заедничкиот пресек на минатото и иднината е сосредоточен во колекција со спортски предзнак, каде волуменозните ракави, карнерите на фустаните и асиметричните кроеви на блузите, ја носат основата на кроевите.
Вештата игра со текстурите и материјалите е своевиден експеримент на креативниот тим кој во голема мера размислувал на уличната мода во процесот на креирање.