Fashion&Friends - Нова енергија за есен-зима '16/'17

24 септември 2016

Новите колекции за есен/зима 2016/17 пристигнаа во мултибренд продавницата Fashion&Friends. Aктуелните трендови се присутни кај сите брендови, но секако интерпретирани на автентичен начин и соодветни за различните стилови и потреби на купувачите. Издвојуваме дел од колекциите за сезоната која доаѓа.

GUESS

Колекцијата на Guess за есен/зима може да се доживее како возбудливо патување на различни дестинации низ светот. Првата станица е Азија, каде дизјанерите ја пронаоѓаат инспирацијата во позитивноста на јогата и урбаниот гламур. Резултатот е линија во која доминира сината боја, опуштени модели од тексас во комбинација со блузи со типични цветни мотиви, бомбер јакни со доработка и женствени дезени, како и кимоно форми во црно-црвена комбинација кај посвечените парчиња.

Русија е следната дестинација на Guess патувањето – пониски температури, потешки материјали, како жакард, кадифе и букле во иновативни и волуменозни форми. Цветните мотиви сепак остануваат кај дел од панталоните и блузите, а често доаѓаат во комбинација со драматична тантела или кожа за современ и енергичен изглед. Дел од оваа колекција се и парка јакните со суптилни војнички мотиви и тесните карго панталони.

Неонските светла на раздвижените метрополи на Западот се рефлектираат во најпровокативниот и најсензуалниот дел од колекцијата. Жената која носи Guess облека го има целото внимание врз себе со впечатливи парчиња и контрастни материјали и дезени. Таа бира монистра, вештачко крзно и цветови во интересни модели со нова должина и пропорции кои ја нагласуваат фигурата или пак атрактивни фустани кои го акцентираат женското тело.


GUESS BY MARCIANO

За есен 2016, Marciano нуди  луксузна колекција на вечерни и коктел фустани, комбинезони и  долги здолништа со впечатливи цветни принтови, металик тонови и раскошно кадифе во нежна розова, бургундско црвена и магично сина боја. Овие парчиња се дополнети со палта, мантили и елегантни наметки кои го згбогатуваат изгледот и можат да се вклопат во повеќе различни комбинации. Посекојдневните парчиња облека вклучуваат блејзери и тесни здолништа до колена во повеќе бои и дезени.

 

REPLAY

Koлекцијата за есен/зима 2016/17 го слави 35-иот јубилеј на брендот преку навраќање кон традицијата, но и современи, футуристички елементи. Комбинацијата на навидум неспоивите стилови, материјали, процеси на изработка е клучна во новата колекција на Replay. Традиционалното се задржува преку класичните фармерки и други производи од тексас, кожа, карираните дезени, ресите и едноставните блузи, додека пак иновацијата е присутна преку новите технологии употребени за изработка на парчињата како што е Thermo+ - технологија која овозможува фармерките при особено студени денови,  да ја задржат топлината 20% повеќе од обичните модели.

Кај женската колекција фокусот е на волуменозните кроеви, мешањето на материјали и стилови. Урбаните спортски парчиња се направени од софистицирани материјали, бохо елементите се комбинираат со моторџиски и андрогени детали.

За мажите колекцијата на Replay предвидува посовремен пристап кон моторџиските парчиња, со додавање на војнички и спортски елементи. Кожа, нитни, ласерски сечен тексас, карирани детали и доминантни принтови се комбинираат со бомбер јакни, војничко зелено и нови материјали. За студените зимски денови, присутни се и парка јакните и полнетите палта.

 

DIESEL

Колекцијата на Diesel за оваа сезона е навраќање кон 90-тите и култните Diesel парчиња, како “Super Power” бомбер јакната и моделот на фармерки со висок струк за мажи и жени. Она што е заедничко кај Diesel со останатите брендови се неочекуваните комбинации на стилови и материјали. Така спортските парчиња се дополнети со метални детали, панк фустаните имаат тул, моделите инспирирани од војничите парчоња добиваат поинаква нота кога се украсени со различни интересни апликации во боја. Јакните сезонава без разлика на моделот, може да се најдат во повеќе различни бои кои навистина ќе ги разведрат тмурните зимски денови.

Модните додатоци – чевли и ташни и оваа сезона доаѓаат во доминантната црна боја, но и во неколку други посветли тонови. Ниски чизми, патики на платформа и поспортски модели за финиширање на впечатливиот Diesel изглед.

 

SUPERDRY

Superdry е еден од најновите брендови, кој стана дел од Fashion&Friends минатата сезона. Кај колекцијата за есен/зима водени од идејата дека помалку е повеќе, дизајнерите на Superdry го стваат фокусот на деталите. Кожни амблеми на ракавите, метални додатоци, гравирано лого – препознатлива Superdry облека во софистицирана форма.

Машката облека доаѓа во монохроматска палета на есенски бои. Темно кафената, сивата и белата се комбинираат со индиго сина и повеќе нијанси на зелена за современа нота на целосниот изглед. За удобност во зимските денови Superdry нуди фланелски кошули, плетени парчиња од памук и волна, како и јакни, палта, мантили, како и спортска облека направена од специјални маѕеријали за модерен, атлетски изглед.

Женската облека се фокусира на три доминантни трендови – “Небото над Аризона” е колекција во која има јакни со многу детали, реси, панталони и здолништа од обична и превртена кожа. “Безвременската колекција” нуди парчиња направени од премиум материјали во богати, есенски тонови. “Источна романтика” е колекција со доза на гламур, потемни бои и женствени материјали.

Како и претходните сезони, така и оваа, Fashion&Friends е дел од Модниот викенд Скопје. За 14-ото издание на Модниот викенд, Fashion&Friends се јавува како ко-продуцент на насловната фотографија која има особено интересен концепт, спојувајќи ја модата и уметноста под мотото Talent is the new sex. Облечени во модели од брендовите од Fashion&Friends, младите актери Наталија Теодосиева, Билјана Јовановска, Стефан Вујисиќ и Владимир Петровиќ се епитом на индивидуалност и естетика која изобилува со енергија и автентичност.

Објавено:
24 септември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.721 пати