Фрида Кало и културниот идентитет на Мексико во приказната на новата колекција на Диор

22 мај 2023

Марија Грација Кјури, креативната директорка на Диор прави револуција во модниот свет. Ја користи својата моќ и еден толку влијателен медиум, како што е облеката, да му се обрати на светот во име на културниот диверзитет и да го сврти вниманието кон неговата битност и значење.

Преку колекциите што ги создава под капата на Диор, патува низ културите, времето и просторот, сплотувајќи ги заедницата, традицијата, наследството и занаетчиството во едно.

Нејзината работа е пример како модата премостува, вреднува и остава своја силна трага која ги менува општествените текови.

Мексико неслучајно беше нејзината следна дестинација, каде ја побара инспирацијата за новата ресорт колекција. Мексиканската култура, богата со колор, мириси и неповторливи слоеви од уметности, ѝ подари длабока инспирација која ја реинтерпретираше во дури 112 изгледи.

Кога модата симболизира традиција, тоа делува навистина величествено, како и оваа колекција на Диор.
И се разбира Фрида Кало, неизбежно присутна како инспирација во речиси секој сегмент – од долгите лелеави фустани со слоевито поставени карнери, голите рамена и флоралното шаренило и „Техуана" домородната облека која таа ја присвои и стана нејзин идентитет, до модернизираните и прочистени верзии на корсетираните фустани со волуменозно А здолниште, чисти, бели и со симболично испишани пораки и симболи во црвено. „Надеж", гласеше една од пораките извезена на белиот корсет...

„Јас навистина верувам во моќта на модата, но ние мора да работиме на еден поинаков начин", вели Кјури алудирајќи на модата како уметност, заедништво и занаетчиство, како фундаментални референци што од неа создаваат вистинска вредност.

 

 

Објавено:
22 мај 2023
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
319 пати