Вториот ден на Модниот викенд Скопје, го одбележа фузијата на рзлични стилови, па на писта имавме можност да видиме од спортска до свечена облека.

Вечерта ја отворија студентите на Факултетот за арт и дизајн на ЕУРМ, кои со своите иновативни дизајни ослободени од стегите на комерцијалните ограничувања, обединети под заедничка ревија насловена „Text me", внесоа вистинско освежување на Модниот викенд. Петнаесет студенти пред публиката отворија една широка лепеза на стилови, приредувајќи возбудливо доживување за сезоната пролет-лето 2018. Дел од крациите беа во синхронизирана комуникација со локацијата каде оваа сезона се одржуваше настанот, универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски", па во нивниот дизајн беа имплементирани испишани пораки (Биди храбар, Замисли, креирај...) на самата облека, но и на транспаренти или пак акцентот беше ставен на модни додатоци инспирирани од дизајнот на книгите. Секој од студентите со себе донесе посебна, индивидуална енергија како белег на нивната креативност, но сите раскажани преку креации што ги обединува дисциплина и прецизност кога е во прашање дефинирањето и изведувањето на кроевите, како основна лекција во профилирањето на еден млад дизајнер.

Вечерта продолжи со ревијата на „BERNASARACI" од Косово со симболичен наслов „0000", која во својот дизајн направила спој на спортска и елегантна естетика. Во претежно опуштените кроеви, се препознава доза на сексапил и женственост, укажувајќи дека не секогаш и само припиените и тесни силуети ја имаат моќта на истакнување на женската сензуланост.

„Колекцијата ја карактеризираат чисти кроеви, прилично лежерен став, но сепак извикува софистицираност и моќ. Да изгледаме стилизирано и да се чувствуваме во нашата кожа е мојот најважен тренд. Тоа е причината зошто колекцијата има тенденција да покаже микс на спортска и елегантна урбана девојка. Таа е самоуверена и нема потреба од многу труд за да ја покаже својата личност", вели дизајнерката Сарачи.

Младата дизајнерка Моника Коцарева и овој пат пред публиката на Моден викенд презентираше колекција со домина свечена нота, насловена „Boundless".

„Моите модели се наменети за жената која дефинира свој личен стил и одбива да се вклопи во стереотипите во животот и модата. Таа е таму каде што сака да биде, самостојна, реализирана и ужива во поместување на границите на модните наметнувања. Целата колекција изобилува со свечени комбинации во три бои, парчиња со нагласен струк, голи раменици, набори, транспарентни делови и слично", рече Коцарева за својата нова колекција.

Втората вечер ја затвори колекцијата „El sueno" на „Pallada", како современа реплика на стилот што го преферирала Викторија Еугенија, шпанската кралица во дваесеттите години, а кој го карактеризирале свечени фустани во чиј дизајн деталите го имале водечкиот акцент.

„Колекцијата која ја работевме заедно со мојата мајка, Снежана Палада е составена од 15 креации уникатни и рачно изработени. „El Suеñо" што од шпански се преведува како „Сонот", е произлезено од темата на самата колекција. Инспирирана е од Викторија Еугенија, шпанската кралица во дваесетите години на минатиот век која тогашната мода таа самата ја претставила во јавноста преку нејзините кралски фустани, со премногу детали, а сепак едноставни и безвременски.", вели Алек Палада.

Третата, воедно и последна вечер на Моден викенд Скопје, продолжи со пет модни ревии на кои беа презентирани новите колекции на: Sari Gi, Ylka Brada, Fa-Bu, Ателје Магдалена и Олгица Ѓоргиева.

 

Објавено:
2 април 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
494 пати