Луксузната модна куќа Диор ја оддржа својата прва кутур ревија во Хонгконг која предизвика огромен интерес кај публиката која допатува и од Сингапур, Виетнам, Тајван и Индонезија.
Покрај фантастичниот дизајн препознатлив за дизајнерскиот ракопис на модниот бренд кој кулминираше со изразени волуменозни форми, а се смируваше со едноставни линии во ахроматски бои, исто толку впечатлив беше и амбиентот на салонот во центарот на Хонгконг каде на сивите ѕидови по должината на пистата беше прикажана фото-ретроспективна приказна која публиката ја носеше во различните временски и просторни димензии од приказната на Диор.
Во оваа апстрактна и поетична колекција на Диор, користените ткаенини дозволуваат леснотија во движењето, кројот на моделите повремено ја изразува, а повремено мистично ја прикрива женската силуета. Надворешните линии се чисти и навидум едноставни, но под нив се открива комплесната изработка на маестралните дела.