„Гучи“ за старт на Миланската модна недела

25 февруари 2016

Модната недела во Милано започна вчера и тоа со три големи бренда. Трендовите за есен-зима 2016/17 ги претставија „Гучи“, Алберта Ферети и „Роберто Кавали“.

Агендата ќе биде возбудлива и во наредните шест дена колку што ќе трае модниот настан, а во продолжение погледнете ги колекциите што го одбележаа првиот ден.

 

„Гучи“: „Ренесансата доаѓа во Студио 54“

Ова е  насловот со кој дизајнерот Алесандро Микеле ја опишува најновата колекција на брендот.

-Пренесов дел од моите страсти – улична мода, ренесансата, 1970-тите и малку шик моменти од 1980-тите. Сакам да правам микс од работите и на тој начин да создадам нова комуникација помеѓу нив – изјави дизајнерот пред почетокот на шоуто.

И токму тоа беше и претставено на пистата. Секоја наредна колекција на Микеле е надоградба на претходната. Препознатливиот geek chic неизостана и овој пат, претставен преку очилата за сонце, шапките, чорапите во интензивини бои, како и едноставните кроеви на фустаните.

Со оглед на тоа дека „Гучи“ станува сè повеќе омилен во уличната мода, дизајнерот одлучи да направи микс што многумина ќе ги воодушеви. Исто така, за таа цел одлучи да соработува со бруклинскиот умтник Тревор Ендрју односно Gucci Ghost, познат по графитите и интерпретацијата на логотипот на брендот.

Токму негови интерпретации можат да се видат на свилените здолништа во колекцијата. Освен нив, вниманието го привлекуваат и волуменозните бомбер јакни, брокатните капути и комплети, креациите со пердуви и крзно во боја. Александар Микеле и овој пат остана доследен на претпознатливата естетика, малку прочистена и со помалку слоеви, но исто привлечна за сите што го почитуваат ваквиот моден израз и естетика.

 

Алберта Ферети: Убавината на соништата

Препознатливоста на Алберта Ферети лежи во нежните креации, тантелата, тулот, цветните мотиви и едноставноста. Доволно е да биде убаво и слатко. Таа естетика беше присутна и сега, но со делумно неочекуван микс. Ревијата ја отворија неколку креации од сатен. Иако многумина ќе кажат дека Алберта доцни со трендот на пижама-оделата, таа смета дека правила нема. Таа одлучи со нив да ја започне приказната која ја прикажува убавината на соништата, фантазиите и стремежите.

Сатенските и свилени креации, се преточија во лелеави со тантела, за на крај приказната да заврши со креации што вклучуваат твид и крзно. Контраст што ретко кој го очекуваше од дизајнерката. Затоа, додека едни коментираат дека ја изгубила поврзаноста на приказната, други сметаат дека е одличен чекор. Но, она што е сигурно е дека сите оние што женственоста ја ставаат во преден план ќе бидат воодушевени. Имајќи предвид дека за неколку дена се и „Оскарите“, Алберта Ферети точно знаела што прави.

 

Роберто Кавали: Рок шик од 1970-тите пренесен во 2016

Кога мислиме на „Роберто Кавали“, тогаш несомнено мислиме на принт и луксуз. Ова е втора колекција на Питер Дандас, по заминувањето на Кавали од местото на креативен директор, а овој пат дизајнерот се обиде да ја пренесе рок-шик естетиката од 1970-тите во денешницата. Макси капути, крзнени пачворк наметки, чизми на платформа, светкави ѕвонарки се дел од нештата што ја презентираат идејата на Дандас.

-Кога ја создавав колекцијата мислев на ориентализмот во 1930-тите и илустраторот Обри Беардслеј. Во оваа приказна се работи за декадентните женски идоли од тоа време, како и за мистицизам, магичности и таинственост – објаснува дизајнерот.

Неизоставен дел од колекцијата беа и транспарентните долги фустани, нешто што би можеле да се каже дека е тренд на 2016 година, повеќе отколку на 1970-тите (од каде повеќето дизајнери црпат инспирација).

Објавено:
25 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
581 пати