Исабел Марант дефинитивно знае како да направи комерцијална колекција. Таа вчера во рамки на модната недела во Париз ги претстави парчињата за следната пролетна сезона, а првите впечатоци се дека се работи за најурбаната колекција која веројатно ќе ја видиме на оваа модна недела, но и генерално, за пролет 2019 година.

Забележливо е влијанието од доцните 70-ти и 80-тите. Исабел се послужи со бохо стилот, но го стави во 2018 година во street style контекст. 

Џинсот како материјал доминира. Тексас фустаните, елеците и широките јакни во комбинација со принтови се она на што Марант става посебен акцент.

Влијанието од 80-тите може да се забележи и преку кратките фустани од ткаенини со металик сјај и волуменозните ракави, како и со кратките дворедни јакни со ревери.

Повеќето комбинации се искомбинирани со високи набрани чизми (уште едно ретро влијание), како и сандали со ремчиња и патики.

Последниот дел од ревијата е резервиран за комбинации со кратки шорцеви и широки блузи во комбинација со тантела.

Со оглед на тоа дека сите парчиња се носливи и популарни, нема сомнение дека често ќе бидат застапени низ улиците на модните метрополи.

 

Објавено:
28 септември 2018
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
462 пати