Како „Долче и Габана“, а како „Армани“ го замислуваат мажот во лето?

23 јуни 2021

Во тек е презентирањето на машките колекции за сезона пролет-лето 2022 година. 

Ние денеска правиме краток преглед на тоа како италијанските брендови „Долче и Габана“ и „Армани“ го замислуваат изгледот на мажите за следната летна сезона.

Доменико и Стефано се мајстори на скандалот, па таа скандалозност се трудат да ја пренесат и во секојдневната облека. Тие го замислуваат мажот во спој од сексапил и спортски шик. Затоа и не сме изненадени што по пистата прошетаа мажи во шорцеви со круна на глава и спортски комплети.

Во нивната естетика повеќе е повеќе, па модната приказна за следното лето ја продолжија со маици и фармерки со многу украси. 

Но, кога е вечерниот изглед во прашање, се враќаат на класичната црна, но и таа во случајов не смее да е здодевна. Од црни тесни парчиња кои го оцртуваат секој мускул (или недостаток), нешто што беше актуелно кон почетокот на милениумот, до смокинзи со сјај и кожени парчиња облека, „Долче и Габана“ мажот задолжително треба да е впечатлив! А кога сме кај минати трендови, тие го најавија и враќањето на мрежите, рамбовките и бомбер јакните во понагласен крој.

Од друга страна, Џорџо Армани дава предност на удобноста и класичните децентни темносини тонови, што е и негова препознатливост.

Креациите се создадени од текстил кој е мешавина од свила, волна и лен, па ако судиме по составот, милина е да се носат.

А кога се во прашање кроевите, машкиот сексапил го изразува преку совршено скроените одела, како спротивност на пижама-оделата кои се сега актуелни. Неговата формула за успешен изглед и креација е токму оваа - префинет текстил и врвен крој - и од овие две нешта не отстапува веќе 47 години, колку што постои брендот.

Но, ако кај Долче и Габана имавме враќање на тесните маици и блузи со деколте, Армани враќа еден друг тренд - машките елечиња на гола кожа (или не), во широк крој и елегантните бомбер јакни. Го видовме и враќањето на принтови, но и масивни машки влечки, што не не' прави многу среќни.

Дел од машката публика веруваме нема да е многу воодушевена, но колкаво влијание ќе изврши Армани и дали навистина ќе гледаме згодни тела во елечиња, ќе покаже уличната мода.

Објавено:
23 јуни 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
552 пати