Оваа година дизајнерката Каролина Херера прославува 35 години во модниот бизнис. Во декември ќе ѝ биде и врачена наградата „Women’s Leadership Award“ во Линколн центарот.
Позната е по елегантната естетика и тоа како секогаш сака да гледа кон иднината.
-Секогаш сакам да ги видам жените како изгледаат убаво, но во денешниот, актуелниот момент, сега и тука. Исто така, секогаш сум насочена кон новата технологија – изјави дизајнерката во една пригода.
И да, во нејзините колекции често можеа да се видат класични кроеви, но необични принтови.
За ресорт 2017 Херера одлучи да ги поедностави работите, а пак да направи парчиња за повеќе генерации жени.
Некои ќе кажат дека и покрај тоа што не се осврнува кон минатото, оваа колекција потсетува на некои нејзини претходни, но актуелните моменти што ги вметнала во основата на која секогаш се надоградува, ја направија посакувана.
Дел од креациите имаат елементи од американската спортска естетика (поточно рагби тимовите), но преточени во елегантни кроеви.
Долгите широки здолништа се секако задолжителни. Особено ни се допадна како дизајнерката го вметна безвременскиот џинс во својата елеганција. На помладите генерации несомнено ќе им се допаднат светкавите шорцеви во комбинација со топ со панделки и палто, како и кратката бунда со отпечатоци од усни, или пак широките панталони и блузата со светкави риги.
Последниот дел од колекцијата, за кој е изработена и фото-сесија со црно-бели фотографии, ја претставува романтичната страна на Херера. Ако во првиот дел имаше строги кроеви, во последниот во прв план е ставена лелеавоста и раскошноста на фустаните.
Така, Каролина Херера, повторно со смирените кроеви успеа да направи врева и парчиња што секоја жена блиска до нејзиниот моден сензибилитет ќе ги посака за себе, без разлика на возраста. И иако навидум ќе си кажете дека не бега од сигурната зона, напротив, таа одлучи да ја стави во втор план својата црно-бела естетика, да вметне бои, по некој 3Д принт, а да не претера; да направи елегантни парчиња, а да ги спои со спортската естетика. Со еден збор, да ја преслика современата жена во повеќе нејзини изданија, што е секогаш една од нејзините цели.