Бескомпромисните KTZ, познатата лондонска етикета под креативно водство на македонскиот двoец Марјан Пејоски и Сашко Бежовски, во рамките на актуелната модна недела за мажи во Лондон, ја промовираше својата нова колекција за сезоната пролет-лето 2018.
Зошто се омилени во уличната мода – оваа колекција е очигледен одговор. Тие не и се додворуваат на глобалната модна сцена, туку имаат точен и прецизен израз што ги дефинира единствено нив.
Фундаментот врз која е изградена нивната замисла за улична мода се анархијата и панк супкултурата, што впрочем е и приказната на нивната нова линија за мажи.
Многу аспекти што визулено се знак за препознавање во панк културата, се модифицирани и имплементирани во оваа колекција, како што се металните елементи, искинатата облека, беџовите, синџирите...
И во оваа колекција KTZ не отстапија од за нив препознатливите црно-бели споеви, овој пат надоградени со колоритот карактеристичен за милитари стилот: маслинесто зелена, кафеава, темно зелена...
Како дел од креативниот тим на KTZ е и македонскиот дизајнер Ненад Секирарски, кој во претходно интервју за Fashionel ни откри дека неговата позиција се однесува на моделирање на дизајните, како и на развој на продукти.
Фото: nowfashion.com