Модната недела во Милано и викендов имаше богата програма исполнета со ревии на звучни имиња. Така, трендовите за есен-зима 2014/15 ги претставија Ботега Венета, Роберто Кавали, Антонио Марас, Марни, Долче и Габана, Салваторе Ферагамо...
Во продолжение погледнете кус преглед на дел од ревиите, а наскоро на Fashionel ќе читате и детален извештај од највпечатливите ревии, анализирани од повеќе аспекти, меѓу кои и онаа на Роберто Кавали.
Ботега Венета - модна Вертиго игра
Најновата колекција на овој бренд во центарот на вниманието ги става фустаните. Тие се најчесто сечени во пределот на торзото, при што се добива впечаток на аплицирани неправилни геометриски форми. Тие се присутни и на здолништата, па честопати гледајќи ги добивате Вертиго-ефект. Здолништата најчесто се комбинирани со џемпери од креп волна, а со оглед дека креациите најчесто се изработени од свлила и жерсе, се добива контраст кој одлично функционира. Но, контрастот е присутен во однос на боите. Во тој контекст, црно-белите комбинации доминираат. Всушност, фустаните оддаваат впечаток на едноставност, и покрај вметнатите геометриски форми. Но, постојат и фустани со дезенирани материјали, кои пак прават своевидна оптичка илузија. „Секогаш размислуваме за тоа што облеката треба да и пружи на жената и на нејзиното лично искуство со облеката“, велат од брендот. Тие уште додаваат дека колекцијата е за силни жени, енергични и со самодоверба.
Антонио Марас - смел микс на материјали и апликации
Инспирација за оваа колекција Марас ја најде во делата на швајцарската писателка Анамари Шварценбах. Од таа испирација се „изродија“ модели со андрогена нота, модели кои ја носат Азија поблиску од нас, како и модели кои различноста од идеи, култури ја презентираат преку апликациите и комбинацијата на различни материјали. Посебно внимание одвлекуваат палтата со „јајце“ форма, а токму и на нив најмногу се забележува миксот на принтови. Така, тантелата, крзното и апликации од животни прават една целина во оваа колекција. Егозтичните принтови пак се збогатени со деликатни кристални украси. Сите модели ги следат рамни чевли, кои исто така потсетуваат на машки, во соодветна боја.
Џил Сандер - враќање на почетоците
Едноставни линии, но луксузни материјали се во центарот на ревијата на Џил Сандер. Од брендот изјавуваат дека „оваа колекција ја нагласува позицијата на дизајнерскиот тим, а особено во започнувањето и одбележувањето на основните кодови на брендот“. За таа цел, ги видовме недоминливите палта, односно костуми во строги линии. Минимализмот беше истакнат до максимум, а креациите, најчесто изработени од кашмир и најчесто во светли, пастелни и пеперминт нијанси (со неколку исклучоци) се комбинираа со машки чевли во разни бои.
Повик од дивината на Емилио Пучи
Дизајнерот Петер Дандас под етикетата Емилио Пучи создаде колекција која веднаш им се допадна на вљубениците на модата. Неговото пончо инспирирано од Навахо, односно неговите норвешки корени, тесните фустани препознатливи за овој бренд, бохо нотата се покажаа како одлична комбинација. Самиот наслов на колекцијата „Повик од дивината“ укажува на модели со „див шик“ како што велат од брендот. Застапени се земјените нијанси, како и златните нијанси. Но, освен веќе споментатите фустанчиња и пончото, застапени се и мото јакни како и костими во виолетови нијанси, кожени панталони. Џипси дезените, геометриските форми, етно мотивите... придонесоа за сексапилот, разиграноста и живописноста на оваа колекција на Емилио Пучи.
Волуменозноста на Марни
Големи, широки ракави, пеплум, долги здолништа со карнери, oversized јакни, кожени панталони можеа да се видат на пистата на Марни вчера на петтиот ден од модната недела. Целата колекција е исполнета од текстури, бои и енергија. Освен крзното, застапена е и волната, тафтот и пердувите. А како изгледа тој микс, погледнете во продолжение.
Црно-бел свет на Рокобароко со металик сјај
Ако некој ужива во елегантни црно-бели парчиња, тогаш ќе ужива во она што Рокобароко го претстави вчера за сезона есен-зима 2014/15. Црно-белите комбинации не беа претставени само преку комбинацијата на боите, туку и преку комбинација на материјали, со што се доби посебно нијансирање и збогатување на текстурата. И ако кај другите забележавме волуменозност и парчиња поголеми од она што ни прилега, Рокобароко се одлучија за парчиња кои „лежат“ на телото. И ако едната половина од ревијата е „класична“, втората изобилува со пастелни бои и металик сјај. Исто така, на оваа ревија внимание се даде и на долгите фустани, со материјали исто така со металик сјај и тантела. Она е од водечките нишки е едноставноста во кроевите, на сметка на која се направи игра со бои и текстури.
Мисони - удобноста во прв план
„Мошне женствена жена во машко палто“, вака Анџела Мисони ја опиша својата колекција за следната сезона есен-зима. Тоа не значи само дека жените носат парчиња со машка нота, туку дека во преден план е ставен комфорот. Речиси сите парчиња се во палета кафено-портокалово-кремасто, а дел имаат и сини, односно тиркизно тонови. Здолништата се најчесто изработени од твид и здолништа, а она што е исто така интересно е што препознатливиот знак „цик-цак“ доби нова и колоритна интерпретација. Погледнете.
Софистицирана и урбана жена на Салваторе Ферагамо
Она што го претстави овој бренд на вчерашниот ден е немането за сите софистицирани и урбани жени. На ревијата се појавија модели кои преставуваат микс на класична луксузност и модерни елементи. Први на пистата се појавија карирана јакна и наметка, по што следеа и палта без ракави со крзнени елементи. Она што е впечатливо е што во колекцијата нема ниту еден пар пантолони, целата е составена од фустани и здолништа. Металик, односно лакованите ефекти и леопардовиот принт на дел од креациите придонесуваат за урбаната нота. Кога е палетата на бои во прашање, имаме типични темни нијанси за овој период - кафена, црна, виолетова, зелена.