На претпоследниот ден од машката модна недела во Милано, се претставија уште неколку големи модни имиња. Фенди, Емпорио Армани, Етро и Гучи ги презентираа своите замисли за тоа како треба да изгледа еден маж следната сезона есен-зима.
Она што кај сите е забележливо е продолжение на трендот на тесни панталони до глуждовите, како и тесните сакоа.
Фенди се одлучи за доминација на сивите нијанси искомбинирани со беж и кафена боја. Кога се материјалите во прашање застапени се волната во комбинација со крзно, кожа и твид. Фенди понуди широки капути, јакни, струкирани одела од сатен и плиш.
На слична бранова должина е и Емпорио Армани. И кај нов постои доминација на плишот, а и крзното е едно, а по однос на боите, може да се рече дека колекцијата е прилично темна и се движи во црни сиви и темновиолетови нијанси. За разлика од Фенди, каде панталоните се мошне тесни, Емпорио Армани се одлучи за поширок модел, но сепак до глуждовите. Еден од забележливите трендови се и палтата и тоа дворедните, а застапени се и смокинзите и високите едноредни закопчувања.
Етро внесува свежина во трендовите за следната есен-зима. Класичните костими со високи раменици. Панталоните се изразено тесни. Изработени од волна, плиш, памук и сатен, креациите сосема успешно се пренесени. Карираниот дезен доминира низ целата колекција, а кога се боите во прашање, фокусот е ставен врз крем, беж, портокалова, кафена, окер... На тој начин Етро успеале да создадат разиграност и свежина. Иако можеби сме подзаборавиле и не сме виделе мажи облечени во овој дезен од глава до петици, оваа модна куќа го советува токму тоа. Дури и чевлите се изработени со додатоци од текстилните материјали.
Меѓу големите имиња вчера последен се претстави тимот на Гучи. Оваа модна куќа за сезона есен-зима се сврте кон пастелните нијанси. Ретко кое од парчињата е во сосема црна боја. Панталоните се тесни, со висок струк и препеглани ногавици, а палтата лежерни. Џемперите и блузите се искомбинирани со куси јакни, а како модни додатоци се појавуваат и чанти изработени од кожа.
На последниот ден од модната недела во Милано, односно денес љубителите на модата имаат можнност да ги проследат ревиите на Dsquared2, Џорџо Армани, како и Роберто Кавали.
Веќе од утре започнува модната недела во Париз, посветена на машката мода. Како и кај досегашните, ниту на овој моден настан нема да изостанат модните возудувања, особено имајќи предвид дека од 15 до 19 јануари ќе се претстават модни имиња и брендови како Раф Симонс, Валентино и Хајдер Акерман, со чии колекции всушност и ќе започне модната манифестација. Во следните денови ќе се претстават и 3.1 Philip Lim, Дрис ван Нотен, Мејсон Мартин Марџела, Рикардо Тиши за Живанши, Dior Homme и Ермес, Ланвин, Пол Смит, а модната недела ќе заврши со модното шоу на модната куќа Сен Лоран.