Талентираниот австралиски дизајнер со македонско потекло Тони Матичевски ја прикажа новата ресорт 2017 колекција во рамки на модната недела во Австралија.
Со секоја нова презентирана колекција, Матичевски е сѐ поблиску до оправдување на споредбата со Александар Меквин за која многумина сѐ почесто зборуваат.
Дизајнерот повторно ја прикажа својата креативност преку фантастичните, секогаш волуменозни парчиња во нежни бои меѓу кои прекрасната жолта, белата, сивата и неизбежната црна.
Овој пат, тој се одлучи за малку потемни креации преку кои ја покажа мистичната страна за разлика од онаа романтичната на која некако навикнавме.
На пистата можевме да видиме неодоливи комбинации од црни и бели панталони со интересно кроени горни делови, волуменозни здолништа и фустани широки од половината надолу, блузи со впечатливи карнери комбинирани со пенкало здолништа, но и фантастичен накит за кој сите говореа.
Тој прикажа кружни очила за сонце, впечатливи обетки, украсени choker ланчиња, но и многу интересни парчиња накит што Матичевски овој пат ги постави на устите на девојките.
Особено внимание предизвика манекенката што падна на пистата која толку добро го издржа целиот настан, што на крајот излезе како вистински херој на ревијата.
За време на падот, фотографите направија фантастични снимки од нејзиниот пад кои многумина ги протолкуваа како неверојатно уметничко дело.
Во галеријата, погледнете ги парчињата што Матичевски ги смести во неговата неодолива ресорт колекција.