Воопшто и не треба да го дочекаме крајот на овогодишната модна недела во Њујорк за да увидиме кои се трендовите без кои нема да можеме следната сезона: класични машки панталони, романтични фустани и волуменозни тренди палта! Како и претходните денови, така и вчера, посетителите на њујоршката модна недела имаа прилика да видат навистина одлични колекции. Со свои ревии се претставија некои од најголемите модни имиња во индустријата како Каролина Херера, Филип Лим, Рем Акра, Томи Хилфигер, The Row и други.
Каролина Херера
Одличната дизајнерка пред почетокот на самото шоу појасни дека нејзината колекција е поглед кон иднината, а не кон минатото. Таа претстави навистина неверојатни парчиња како што и се очекуваше. Дизајнерката овојпат се одлучи за интересни горни делови на парчињата што паѓаа слободно над рамената на моделите во комбинација со тесни здолништа до колена и панталони со машки крој. Херера претстави и прекрасни фустани од лелеави материјали во одлични бои со акцент на портокаловата и сината. Во нејзината колекција можеше да се најдат и одлично скроени зимски палта и капути со неодоливи делови од крзно во прекрасна црна, сива и темно кафена боја.
Рем Акра
Со нејзината колекција, дизајнерката посочи дека сакала да го опише патувањето на елегантната жена во ноќите во Парис. Шоуто таа го отвори со серија прекрасни романтични фустани. Продолжи со одлични џемпери во комбинација со пенкало здолниште во супер бои, за потоа на публиката да и го одземе здивот со светкавите фустани во беж, црвена, црна, темно виолетова и сина боја. Во колекцијата на дизајнерката имаше и тренди зимски капути со супер крој во беж и виолетова боја, и секако ниту таа не заборави да не почести со одличните крзнени парчиња.
3.1 Филип Лим
Филип Лим на својата есенска муза и даде име и идентитет: Сонце – забавна и мултикултурна љубопитна жена. Целата негова колекција изобилуваше со свежи и забавни бои, а парчињата беа помалку ретро со примеси на модерниот дух на денешницата. Тој прикажа куси зимски палта со одлични комбинации на бои и материјали, како крзно, волна и кожа и истите изгледаа навистина одлично. Покрај зимските палта, во неговата колекција имаше и женски панталони со одличен крој, костими за кои веќе знаеме дека ќе бидат апсолутен хит следната сезона, но и светкави и куси блузички со интересни детали.
Томи Хилфигер
Доколку секој ден мора да избираме по една од колекциите што најмногу ни го задржала вниманието, тогаш вчера тоа беше колекцијата на Томи Хилфигер. Иако секако, од дизајнерскиот тим се очекуваше спортска колекција, истата некако не го задржа вниманието на присутните. Во истата можеше да се види тон плетени парчиња со реси во многу комбинации на бои, куси училишни здолништа кај девојките и модни додатоци за скијање. Покрај плетениците, дизајнерскиот тим понуди и неколку тексас парчиња, но и карирани кошули и фустани.
The Row
Можеби највпечатливата колекција во текот на вчерашниот ден беше онаа на Мери Кејт и Ешли Олсен за The Row со прекрасни удобни парчиња во одлични бои. Во сите парчиња тие го задржаа моментот на дискреција и тоа го направија навистина умешно. Ревијата ја отворија со „џиновски“ џемпери во неколку форми за да продолжат со елегантни и прекрасни женски костими, но и палта и здолништа во бела, црна и сива боја. Во секое парче на кретивните близначки можеше да се почувствува неверојатна доза на женска елеганција и мистичност, иако парчињата изгледаа сосема волуменозно со големи примеси на машка мода.
Дона Каран
Емоционалната и шармантна колекција на Дона Каран ја оставивме како последна од прегледот како една од најдобрите прикажана вчера. Дизајнерката изјави дека во оваа колекција сакала да ја прикаже силата на жената, навраќање на минатото, но и поглед кон иднината. Во колекцијата имаше елегантни и шармантни вечерни фустани во црна боја, зимски капути со ремени на половината, елегантни кошули во комбинација со панталони со прекрасен крој, но и бунди и други крзнени парчиња во интензивни бои. Црвената, црната и белата боја преовладуваше во целата колекција, а што се однесува до модните додатоци, дизајнерката уште еднаш не почести со одлични чевли и секси чизми до колена во црна и темно црвена боја.