Шанел со симбиоза од машки крој и романтични цветни карнери на Неделата на висока мода

27 јануари 2021

Големата палата во Париз вчера беше повторно претворена во дел од бајка, како што впрочем сме навикнати да ја гледаме во текот на Неделата на висока мода. Еден од тие неколку денови, француската модна куќа Шанел ни дозволува да заборавиме на сопственото секојдневие, да се воодушевуваме на световите кои ги сместуваат под стаклениот свод на палатата и да сонуваме за врвните креации чија рачна изработка трае неколку стотици часови.

Мора да се признае дека и сценографијата и самата колекција беа за нијанса посмирени од она на што сме навикнати вообичаено. Темата беше лелеава, романтична, како една голема стилска венчавка некаде на југот од Франција.

Твидот како карактеристичен за куќата беше преточен во панталони со рамен крој, елеци, комплети од рамни здолништа и палта и по некој фустан со карнери. Машкиот крој инспириран од Габриел Шанел беше имплементиран во костумите со панталони, додека романтичната страна на приказната ја надополнуваше нежниот блед колорит од црвена, розова, зелена и по некоја сина.

Тулот си го направи своето во огромните здолништа, а цветовите и карнерите ставија печат на магијата. Иако колекцијата повеќе наликуваше на Prêt-à-Porter отколку на Haute Couture, креативната директорка Вирџин Вјард ја припиша заслугата на сите занаетчиски куќи под закрила на Шанел, па сложувалката од совршености на крајот се спојува во фантастично парче облека, што веднаш ја добива етикетата на висока мода.

Покрај манекенките кои чекореа на пистата, на шоуто се појавија и амбасадорите на брендот Марион Котјард, Пенелопе Круз, Ванеса Парадис и Лили Роуз Деп.

 

Објавено:
27 јануари 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
271 пати