Смирена колекција во загасити тонови на Роксанда Илинчиќ

23 февруари 2016

Во споредба со нејзините претходни колекции препознатливи по интензивниот колорит, новата колекција на Роксанда Илинчиќ за сезоната есен-зима 2016 прикажана на Лондонската модна недела е во пригушена палета на бои и посмирени кроеви. Но, таквата промена секако не ја прави помалку впечатлива или гламурозна, туку напротив.

„Старата школа" на елегантната женственост го креира текот на линијата во која ќе се препознаат дамите што претендираат класиката да ја зачинат со малку драма.

Акцентот е ставен на јаките и панделките врзани околу врат, карнерите кои од ракавите се пресликуваат и на здолништата, како и слоевитите макси фустани изработени од свила.

Вообичаениот избор на јаки бои, сега е заменет со смирени тонови на виолетова, тегет, карамела, нежно розова што меѓусебно се комбинираат.

Уште еден значаен момент во оваа колекција на Илинчиќ е деби линијата чанти во минимални, меки форми и мат нијанси со што компактно се заокружува приказната.

Инаку, како што пренесува vogue.co.uk, Роксанда на оваа ревија ја имала најнеодоливата публика, па помеѓу сите познати гости ги „сместила" и нејзината ќерка со сите 29 другарчиња од класот.

Објавено:
23 февруари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
389 пати