Со мултимедијална презентација на Ирина Тошева заврши Моден викенд Скопје #16

26 октомври 2017

Шеснаесеттиот Моден викенд Скопје под мотото #Stopthetraffik заврши синоќа во „Иновативниот центар на Македонски Телеком" со мултимедијална презентација на Ирина Тошева поддржана од topsi.mk.

Тошева е константен учесник на Моден викенд Скопје веќе 11 сезони, па овој пат наместо преку стандардна модна ревија, својата нова колекција ја презентираше во еден поинаков, интерактивен формат, со што на публиката и понуди поразлично модно искуство.

Колекцијата наменета за сезоната есен-зима 2017/18 ја сочинуваат 10 модели чија естетика е инспирирана од циклусот песни за Дениција од Петре М. Андреевски.

„Од љубовта кон жената до родољубието, цел спектар на емоции се преточени во креациите, оставајќи им можност на модните вљубеници самите да ја препознаат својата љубов меѓу нив.", вели Тошева.
Користејќи главно природни материјали како памук и свила низ моделите на Тошева се проткајува естетска приказна што ги премостува модата и поезијата, а излегува надвор од временските рамки.
Присутните на презентацијата имаа можност директно да си „резервираат" парче од новата колекција, по принципот see now – buy now, што е актуелен тренд во глобалната модна индустрија.

Со оваа мултимедијална презентација се заокружи 16-тото издание на Моден викенд Скопје, на кое имавме можност да проследиме 14 различни модни приказни, што годинава беа обединети под мотото #Stopthetraffik приклучувајќи се кон борбата против трговијата со луѓе и трудовата експлоатација.

 

Објавено:
26 октомври 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
534 пати