Урбана модификација на 1950-тите во пролетната капсулна колекција на Елена Лука

24 февруари 2015

Во пресрет на пролетната сезона, дизајнерската палета на бои станува посвежа, а кроевите лелеави, облагородени со детали и мотиви кои асоцираат на годишното време.

Модниот бренд Елена Лука веќе влезе во пролетен чекор и ве поканува заедно да танцувате во ритамот на 1950-тите. Една од најобожуваните модни декади, беше инспирација за Елена Лука која во својата  пролетна капсулна колекција создава една сосема нова, урбана модификација на ретро шмекот од 1950-тите години.

Целата колекција е фокусирана на лелеави фустани и здолништа во кои е олицетворен слободниот дух и позитивниот сензибилитет на пролетта.

 

Кроевите се во доминантна полуглок форма, половината е нагласена со тенок ремен, а комбинацијата на материјали е синхронизирана игра помеѓу тафт, тантела, тул и свила.

Флоралните дезени преовладуваат кај тантелата или се аплицирани како впечатливи детали што на целата колекција и даваат магична разиграност. Боите варираат од млечно бела, сребрена, повеќе нијанси на беж, па до интензивна црвена, зелена во комбинација со црна.

Секоја стилска целина лесно се адаптира на профилот на различни жени и девојки, со оглед на урбаниот призвук на незаменливата класика, која е појдовната точка во развојот на оваа ретро-модерна пролетна приказна.

Објавено:
24 февруари 2015
Категорија: 
Колекции