Третиот ден од модната недела за Висока мода во Париз започна со модната куќа „Шанел“, а заврши со ревиите на Armani Prive и Александре Вотје.

Џорџо Армани и овој пат остана близок на својата естетика што и се очекуваше. За сезоната пролет 2016, тој и покрај тоа што се работи за Висока мода, понуди колекција која изобилува со секојдневни парчиња. Дизајнерот е свесен дека лајковите и популарноста е важна, но најважна е продажбата.

Затоа и не изненадува големиот број на шорцеви и панталони (речиси третина од колекцијата).

-Колекцијата има за цел да го изрази чувството на реалност, да понуди природна елеганција и да ја прикаже нормалноста на секојдневниот живот –вели Армани.

Оваа приказна дизајнерот ја обои во виолетови, најчесто пастелни нијанси, а дел од нив и со металик сјај. Во контекст на ова оди и бејзбол јакната на Армани начин, преземена од уличната мода.

Како што и напоменавме, панталоните се мошне застапени, но се со карнери, што апсолутно се вклопува во актуелните трендови.

Всушност, карнерите се доминантни кај речиси сите креации, со што се посочува и  на тоа дека, во духот на Високата мода, колекцијата изобилува со нерамни линии, на едноставни силуети.

Последниот дел од колекцијата е резервиран за тоалетите. Покрај оние со смирен крој, има и неколку што се со раскошни здолништа, корсети и асиметрија во горниот дел.

На креациите од органза, свилен жакар, што го даваат чувството на леснотија и лелеавост, се надоврзуваат и Сваровски кристалите, што придонесуваат за гламурозната нота.

Објавено:
27 јануари 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.033 пати