Неделата на Висока мода во Париз за сезона есен 2019 започна вчера, а „Диор“ ја имаше една од највпечатливите ревии.
Сигурни сме дека оваа колекција ќе им се допадне на оние што преферираат парчиња во црна боја, бидејќи таа е убедливо доминантна.
Марија Грација Кјури одлучи дека новата колекција ќе ја презентира во зградата во која е сместено седиштето на модната куќа чија креатива ја води веќе три години. Токму на оваа локација Кристијан Диор ги презентирал неговите креации сè до 1957 година, кога и починува.
Новите креации се микс од актуелни трендови, препознатливиот за „Диор“ А-крој и феминизмот. Голем дел од креациите во горниот дел имаат корсетска изведба, но со актуелна естетика. Идејата е преземена од минатото, но реализацијата е карактеристична за новото време во кое живее и твори дизајнерката.
Кога е феминизмот во прашање, таа го карактеризира како нешто повеќе од женственост, а го прави и тоа на многу посуптилен начин за разлика од претходно. За тоа сведочат и сликите кои се менуваат во позадината додека моделите чекорат по пистата (пеперутка што го сокрива лицето на жената, лице на жена кое ѕирка од скапоцени кристали...). Сценографијата пак, е дело на Пени Слинџер.
Во колекцијата посочува и на блискоста на модата со архитектурата, за што сведочи и првата бела креација на која има мисла од архитектот Бернар Рудофски, кој ја истражувал токму релацијата помеѓу Високата мода и зградите.
Од капути со интересни детали и волуменозни мантили, па до свечени црни креации во комбинација со нежна винтиџ тантела, пердуви, тул, плетени елементи, „Диор“ става акцент на гламурозноста на жената низ призма на безврменската црна нијанса, со што укажува и на безвременоста на сите претходни елементи споменати во текстот.
Имајќи го сето ова како концепт и реализација, јасно е дека Кјури останува доследна на својот микс на традицијата на „Диор“, актуелностите кои ја бојат сегашноста и теми кои ја засегаат и иднината.