По завршувањето на Модната недела во Њујорк, викендов започна онаа во Лондон каде и се пресели целата модна елита. Официјално, Модната недела започна во петокот, а за време на викендот имаше навистина интересни ревии од кои се чини онаа на Ања Хајндмарч остави најголем впечаток како кај присутните, така и на социјалните мрежи. Покрај нејзината ревија, викендов можевме да ги видиме и ревиите на Версус Версаче, Шарлот Олимпија, Мери Катранзу, Симон Роша и уште неколку други. Во продолжение ги издвојуваме најдобрите креации, односно оние кои оставија најголем впечаток.
Ања Хајндмарч
„Иако не се разбирам од математика, можам да кажам дека некако сѐ е поврзано со неа. Овој пат, јас се посветив на математиката како форма на уметност и тоа можете да го видите и во мојата колекција“, изјави пред почетокот на ревијата една од најкреативните британски дизајнерки. На пистата можевме да видиме навистина интересни креации во супер геометриски форми, украсени со бројни детали и изработени од висококвалитетни материјали во неодоливи пастелни бои. Како што самата ќе каже, сѐ започнало од моментот кога таа сфатила колку кругот е всушност фасцинантен, па можеме да видиме и дека бројни креации се движат во тој правец. Иако можеби навистина не е добра во математика, и тоа како е добра во создавање на фантастични чанти кои секогаш се едни од најпосакуваните. И оваа сезона таа креираше чанти во неодоливи нови форми украсени со бројни додатоци кои веруваме дека девојките повторно ќе ги обожаваат.
Шарлот Олимпија
Се чини вчерашниот ден на Модната недела во Лондон беше посветен на дизајнерите на претежно модни додатоци, па така веднаш по Ања Хајндмарч, честа да се претстави пред лондонската публика ја имаше и дизајнерката Шарлот Олимпија. Целосно во духот на 40 – тите, дизајнерката приреди шоу исполнето со гламур, танчари, прекрасни девојки и секако – неодоливи модни додатоци. Како што самата ќе каже, целото шоу и новата колекција се посветени на девојките кои знаат да се забавуваат, а со нејзините дизајни тоа е толку лесно. На пистата видовме гламурозни девојки облечени во едноставни креации во нежни нијанси, сѐ со цел вниманието да се насочи кон нејзините веќе култни чевли, сандали, високи потпетици, чизми и секаков вид на чевли. Додека девојките беа облечени во неутрални креации се чини сѐ беше добро, но вториот дел од шоуто истите излегоа облечени во џиновски овошни костими кои барем добро ги забавуваа гостите.
Версус Версаче
По заминувањето на Ентони Вакарело од Версус Версаче во Сен Лоран, сите со нетрпение ја очекуваа новата колекција на брендот на Донатела во кој сега работи тим од млади и надежни дизајнери. Како што самата дизајнерка ќе каже, со оваа колекција сака да се врати кон корените на брендот, односно повторно да прикаже облека за една бунтовна, „лоша“ девојка. Таа вели дека понекогаш е добро да ги „освежувате“ вашите продавници со мала група на нова облека која клиентите ќе ја сакаат. Ревијата ја отвори Бела Хадид чија сестра беше во првите редови и ја бодреше, а таа се појави во целосно црна комбинација со мото јакна и високи чизми. Речиси целата колекција беше минималистичка и во претежно црни бои со жолти и темно зелени креации повремено.
Мери Катранзу
Со оваа колекција, Мери Катранзу дефинитивно се врати кон нејзините грчки корени и речиси целосно се оттргна од она по кое досега беше позната. Таа ќе каже дека никогаш всушност и не сакала да употреби класични грчки принтови во своите колекции, бидејќи тоа би било толку очигледно. Кога неодамна го посетила Крит, таа се инспирирала од тамошните приказни насликани на бројните мурали кои одлично ги пренесе на свилените и сосема интересни фустани и останати парчиња. Познатата дизајнерка ревијата ја отвори со креации во тотално грчки стил и на моменти психоделични, за понатаму да продолжи во малку поелегантен стил прикажувајќи елегантни парчиња во малку посмирени варијанти. Со миксот на грчката култура и вибрациите од „лудите“ 70 – ти, дизајнерката според многумина прикажа колекција на која ѝ претстои блескава иднина.