Модниот дизајнер ќе ја памети неговата последна ревија на њујоршката модна недела. А уште повеќе и 11-годишната Тринити Фејт Моран.
Стилистката на Наим Кан, Мери Алис непосредно пред ревијата го праша модниот дизајнер Наим Кан дали ќе сака да исполни една желба на девојче кое боледува од рак. Нејзиниот сон е да прошета по писта и да носи фустан од омилениот дизајнер.
Двоумење воопшто нема.
Сонот на Тринити со помош на организацијата „Make-A-Wish-Foundation“, стана реалност.
Таа беше најголемата ѕвезда на ревијата, облечена во црвена креација. Инаку, Тринити не само што зачекори на пистата, туку му помогна и на дизајнерот да го креира нејзиниот фустан, создаден од истите материјали како и остатокот од луксузната колекција за есен 2016.
-Во голема бркотница за фустаните, па кога дојде Тринити, тоа беше одлично! Ѝ се посветивме и одлучивме да направиме фустан што ќе биде во склад со другите креации – вели дизајнерот.
Нема сомнение дека креацијата предизвикала воодушевување кај девојчето.
-Многу луѓе ми кажале дека сум навистина убава и дека еден ден би требало да бидам модел, па одлучив тоа да биде моја желба. Фустанот ми се допаѓа многу, навистина многу! Посебно ми се допаѓаат украсите што ги вметнал – изјави малата Тринити пред почетокот на шоуто.
Возбудата не можеа да ја сокријат и нејзините најблиски.
-Тринити обожува мода. Наим ја слушаше и почна да црта скица. Заедно нацртаа три различни креации и разговараа за тоа што најдобро би ѝ прилегало. На крај ја одбраа црвената во „принцес“ крој, украсена со посебен вез. Такво нешто не можевме да сонуваме ни во најлудите соништа – изјави мајката на Тринити за „Холивуд репортер“.
Таа додаде дека вежбале како да одат на писта. И покрај тоа што била нервозна, позитивната возбуда доминирала, а семејството на Тринити ја бодрело од првите редови. Нејзината најдобра другарка пак, Јасмин ја гледала од дома, преку livestream.
-Многу ми се допадна Наим Кан. Навистина беше многу фин и мил. Навистина се грижеше за мене – изјави малата Тринити.
Инаку, на ова 11-годишно девојче минатата година му е дијагностициран редок облик на рак, а таа за неколку дена ќе замине на операција. Остварувањето на оваа желба веројатно ќе ѝ даде уште повеќе сила да се избори со оваа болест.