Според Катерина де Медичи рамните обувки постоеле отсекогаш. Потоа за да ја нарушат совршената хармонија на одржување баланс, им се додадени потпетици. Лично таа за нејзината свадба во 1533 година побарала чевлите да и бидат изработени со висока потпетица. Причината поради која се одлучува на ваков чекор е фактот дека чевлите со висока потпетица ја нагласуваат витката фигура на женската силуета. Цели два века овие рамни обувки беа заменети со чевли на високи потпетици и тоа не важи само за жените туку и за мажите. Но, вкусовите во поглед на еволуцијата кај обувките, почнуваат да се менуваат за време на Француската Револуција, кога потпетицата добива етикета на вулгарност и непропорциналност.
Чевлите кои се креирале во овој период биле окарактеризирани како крајно деликатни што дури наликувале на ракавици за нозе. Така, во 1832 година Мари Таљони, балерина со италијанско потекло, за нејзината изведба на балетот „Sylphide“, со цел да изгледа повисока одошто е, на сцената се појавува со рамни обувки во кои таа се движи на прсти. Достигнува неверојатен успех, сите зборуваат за новите чевли чија што потпора за прстите е пополнета со течен гипс, за да може балерините да се движат, а да немаат болки при изведувањето на танцовите. Сепак најголемиот аплауз оди кај Роуз Репето, која ги изработила le chaussons de danse (чевли за балет), за својот син Роланд Петит, кој подоцна ќе прерасне во врвен кореограф. Според податоците,првиот пар на обувки за балет се создадени во 1947 година во мала работилница, во близина на париската опера. Во 1952 година, Мадам Репето, ја започна и својата прва рекламна кампања.
Овие обувки со заоблен врв, беа вистински ексклузивни „etoiles“(ѕвезди) на класичниот танц и балет, но проблемот е во тоа што освен за таа намена ниту една жена реално не би облекла чевла која нема барем мала потпетица која ќе го истакне нејзиниот чекор.
Четири години после промената филмската икона Брижит Бардо побарала од Мадам Репето да и изработи обувки кои ќе бидат деликатни, рамни, удобни и лесни за носење, слични на оние за балет, но да можат да се носат секој ден, а притоа да не ја изморуваат ногата и стапалото. Така се раѓаат „Cendrillon“(посветени на Пепелашка од истоимената бајка на Браќата Грим). Бардо за премиерата на филмот „Et Dieu….crea la femme“, во рамките на Канскиот филмски фестивал, парадира во црвен модел на обувки дизајнирани од Мадам Репето.
Следната година и дојде ред и на уште една филмска дива, станува збор за Одри Хепберн. Таа ги носеше рамните балетанки на премиерата на филмот „Funny Face“ и од тој момент станаа омилен моден детаљ во нејзиниот гардеробер. Ги носеше буквално секаде, не само за професионални ангажмани, туку и во приватниот живот. И како Брижит и Одри да не беа доволни, кон ова дуо на обожаватели на рамни обувки се придружи и првата дама на Америка Џеки Кенеди, која обожаваше да ги комбинира со капри панталони, марами и големи очила за сонце.
Иако, помина мошне долг период оттогаш сепак овој неверојатен модел на чевли не ги изгубија шармот, привлечноста и популарноста со кои се здобија. Станаа must have моден детаљ во сечиј плакар и се трансформираа во неприкосновен симбол на елеганција, класа и женственост.
Но во 80-тите, актуелната ера на патиките ќе проба да им го преземе тронот на рамните чевли. Следуваат две децении на мртва трка, без некакви подраматични промени. Со доаѓањето на новиот милениум, „куклените“ чевли повторно оживуваат и се враќаат под рефлекторското светло. Стагнацијата се појави како резултат на тоа дека Репето во последните години, присуствува на креирање и лансирање на нов бренд, благодарение на помошта на дел од дизајнерите како Issey Miyake и Yohji Yamamoto. Ова се должи пред се на цикличната природа на модата и појавата на голем број танчери кој го сменија сфаќањето за танцот.
Во овие последниве сезони слободно можеме да констатираме дека после низа перипетии, рамните обувки или балетанките се вратија во модата преку новата тројка на модни икони на денешницата, како Кејт Мос која е новата Брижит Бардо, секогаш модерната Сиена Милер и бившата прва дама на Франција Карла Бруни. Инспирирани од класиката, под влијание на актуелните трендови, секоја година балетанките добиваат ново руво, благодарение на големите модни креативни умови како Роџер Вивиер, Салваторе Ферагамо, Гучи, Марк Џејкобс... Во оваа група на генијалци можеме да ги додадеме и креациите на Порсели, кој е прогласен за амбасадор на италијанскиот танц во светот, чиј модели се одликуваат со романтични и шик ноти.
Како и да е, број еден остануваат фамозните Репето. Овој историски бренд, всушност промовира новитети за секоја сезона. Од романтични модели,па се до чевли изработени со тантела. Инспирирани од винтиџ духот на џез и танго музиката. Дизајни направени во чест на големите модни и филмски икони на едно време, како и оние кои се наменети за добротворни цели.
Останува култното прашање: Која е тајната на нивната леснотија и флексибилност?
Во специфичната „technique du cousu retourné“( техника на совршено сошиен калап), која била отсекогаш користена. Склоп на илјада различни пресврти во она што е апсолутно значење на поимот мода и креирањето на обувки како еден сегмент од тој свет. Гламурозен моден детаљ кој можете да го комбинирате и со вашето расположение и со вашиот изглед. Евергрин, безвременска љубовна приказна.