Еволуцијата на модните ревии: од забранет пристап за фотографи до мултимилионски масовни шоуа

30 март 2018

Британскиот Guardian направи еден интересен осврт на еволуцијата на модните ревии, сублимирајќи ги највпечатливите, револуционерни поенти од прогресот на начинот, формата и содржината, на презентацијата на дизајнерските колекции.

Од интимни, салонски презентации за затворен круг на луѓе, до пренос во живо на модните ревии пред милионска публика – во продолжение ви пренесуваме како се развивала историјата на модните презентации.

Генералната слика укажува на огромни разлики во разбирањето на тоа како треба да изгледа една модна ревија, па ако некогаш фотографите се сметале за „шпиони", денеска модните ревии се на ниво на мултимилионско шоу во кое се синхрозирани различни форми на уметноста.

Ревиите на Шанел од 50-те и 60-те години на минатиот век кои што биле организирани зад затворени врати, не се споредуваат со спектаклите што денес ги прави Карл Лагерфелд. Суштинските промени не се само во однос на локацијата, туку и во продукцијата и буџетот.

Почетоци...

Крајот на 19-от век, парискиот дизајнер Чарлс Фредерик Ворт, познат како „татко на високата мода", бил меѓу првите кои го практикувал трендот на презентирање колекции на живи модели. Веќе со почетоците на 20-от век, започнуваат и значајни промени, како што е трансформацијата на моднтие ревии во модни паради најчесто по улиците на градовите.

Дваесетите години на минатиот век ја претставуваат и златната доба на високата мода, кога се прославиле и врвните дизајнери како Коко Шанел и Елза Скјапарели.

За време на големата депресија, кризата која го зафатила светот кон крајот на 1928 година, голем дел од дизајнерите пропаднале, но не и креаторите на висока мода.

Напротив, високата мода била се повеќе барана, популарна и раскошна.

Во 1931 година, Елза Скајпарели ја прикажала својата колекција во њујоршката стоковна куќа Saks, а влезот за фотографи бил забранет, со цел да се оневозможи копирање. На одредени уметници тогаш имале пристап со задача да ја скицираат ревијата.

Модна револуција во Њујорк...

Почетокот на 40-те години на минатиот век, во Њујорк започнува модната револуција. По периодот на Втората светска војна, генерално преовладува ведро и позитивно расположение што се одразува и во модниот свет. Во тој период, дизајнерите создаваат атрактивна и сјајна мода и тогаш се и зачетоците на Модната недела во Њујорк. Тогаш ревиите со одржувале во „Pierre Hotel" и „Plaza Hotel".
Сепак, американската сцена тогаш била под силно влијание на доминантните европски дизајнери, чии уникатни дизајни ги обожувале и дамите од високото американско друштво.

Новите почетоци во Европа...

Европскиот пазар по Втората светска војна претрпел низа промени. Синот на Нина Ричи, Роберт, имал идеја да ги повика модните куќи своите дизајни да ги промовираат во минијатурни верзии, со цел да се заштеди на материјал и ресурси. Тој концепт е познат како Le Petit Theatre de la Mode (Минијатурен моден театар).

На 28-ми март, 1945 година, 200 кукли со три пати помала димензија од стандардна висина на манекенките, биле облечени во модели на Баленсијага и биле изложени во Лувр.

The New Look...

Пред војната, модните куќи кои што изработувале парчиња исклучиво по концептот на висока мода, своите колекции ги прикажувале во своите салони, далеку од очите на јавноста, односно во ателјеата на дизајнерите и раскошните креации директно им биле продавани на клиентите.

Тој период, фокусот на модните дзајнери биле клиентите, а не публицитетот и медиумите. Но, две години по завршувањето на војната, еден човек радикално ќе го промени правецот во кој се движи модната сцена. И тоа не само кога е во прашање облеката, туку и во односто со медиумите и фотографите.

Во 1947 година, Диор е еден од првите дизајнери кој ќе им дозволи на фотографите да ја фотографираат и документираат неговата колекција. Кармел Сноу, тогашната уредничка на Harper's Bazaar, оваа колекција ќе ја нарече „The New Look".

Но, иако прогресивниот Диор ќе дозволи присуство на фотографи, голем дел од другите дизајнери останале „затворени" за јавноста се до 50-те и 60-те години.

Прогресот на Италија...

Првите модни ревии во Италија, не се одржувале во Милано, туку во Фиренца. Почетокот на 50-те години, модните куќи од Рим, Торини, Милано, своите колекции ги прикажувале во грандиозната Sala Bianca.
Модната недела во Милано ја основал Џовани Батиста Џорџини, со цел оваа модна недела да ја направи конкурентна со онаа во Париз, но и со идеја да се развие текстилната индустрија и модните ателјеа во Италија, после Втората светска војна.

Во 1958 година, кога е основана италијанската асоцијација за мода - Camera Nazionale della Moda Italiana, ревиите од Фиренца се лоцираат во Милано.

Живанши...

Во текот на 50-те години, покрај Диор уште еден креатор го привлекол вниманието на модната публика. Се работи за Живанши, кој соработувал со филмската дива Одри Хепберн и кој важи за прв дизајнер што ја започнал ерата на партнерството помеѓу модните дизајнери и славните личности.

Раѓањето на pret-a-porter

До 60-те години на минатиот век, доминирала високата мода. Но, веќе во почетокот на 60-те години, одредена група дизајнери од високата мода, на чело со Нина Ричи, започнуваат активно да ги презентираат своите ready to wear колекции и тоа две недели пред неделата на висока мода. Во 1966 година, Ив Сен Лоран лансира своја ready to wear колекција.

Веќе во диско ерата на 70-те, RTW доминира над високата мода, а модните писти како што ни се познати денес, ги заменуваат салонските презентации.

Во Париз повеќето креатори започнуваат да презентираат колекции два пати годишно. Во 1973 година, е основана Chambre Syndicale du Pret-a-Porter des Couturiers et des Createurs de Mode, регулаторно тело со чие посредништво се олеснува организацијата и координирањето на ревиите. Ова во модната историја се памети како старт на Париската модна недела.

Прогресивниот и алтернативен Лондон...

Во првите години на 80-те, Лондон е центарот на алтернативната уметност, вклучително и на прогресивната мода, а благодарение и на панк дизајнерката Вивиен Вествуд која пистите ги трнсформирала во рокенрол сцена.

А ако Лондон се сметал за центар каде се откривале нови таленти, крајот на 80-те Париз е дефиниран како престолнината на модата, чисе срце куца во ритамот на модната култура.

Ера на супермоделите...

Деведесетите години со себе носат големи промени во начинот на кој функционираат модните ревии. Сега фокусот е на топ моделите. Главниот виновник за овој тренд е Џани Версаче. Во 1991 година, неговата ревија ја одбележаа супермоделите Лина Евангелиста, Синди Крафорд, Наоме Кембел и Кристи Тарлингтон. На оваа култна ревија се наврати и Донатела Версаче, кога минатата година на крајот од својата ревија на сцена ги донесе поврторно заедно култните имиња од светот на супермоделите во 90-те.

Ера на Интернет...

Технологијата можеби најмногу влијаеше на клучните промени во модниот свет, а со тоа и на ревиите. Ако некогаш, со нетрпение се очекуваа првите фотографии од модните ревии во култните модни магазини, денес ревиите може да ги следиме директно на интернет каналите на самите брендови, со само еден клик.

Во 2010 година, Александар Меквин е меѓу првите дизајнери кој дозволил пренос во живо на своја ревија. Веќе следната година, му се придружуваат сите дизајнери од Модната недела во Њујорк. Во меѓувреме, инфлуенсерите на Инстаграм стануваат главни гости во првите редови на ревиите, а преку своите телефони ревиите директно им ги пренесуваат и на своите следбеници на социјалната мрежа, а се бројат во милиони.

Извор: Guardian

 

Објавено:
30 март 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
657 пати