ПРИКАЗНИ ОД ГРАДОТ

И вистинските херои носат перика - кампања која е спој на хуманост, љубов и човечност

25 јуни 2021

Изминатиов период можевте да сретнете разни објави за деца и млади кои донираат коса за болните деца од канцер. Оваа акција беше дел од проектот за здружението „Сано“ -  „И вистинските херои носат перика“, а реакциите се и повеќе од позитивни.

Во време кога владее индивидуалноста би рекле, бевме почестени со добри дела кои будат насмевки кај сите.

Но, каква е приказната зад фотографиите, поразговаравме со Андријана Серафимовска од „Сано“. 

Андријана Серафимовска

„Сите знаеме колку е важна косата за нашиот идентитет. Таа е дел од нас и сите имаме избор дали ќе имаме долга или кратка коса или пак некоја фризура и боја која нам ни се допаѓа. Оние што се борат со канцер го немаат тој избор. Од самиот третман, целата коса опаѓа. Со тоа се губи и последниот дел од нормалноста која ја имале пред болеста“, ја започнува приказната Андријана.

Таа додава дека проектот предизвикал голем одѕив кај граѓаните, кои ја препознале потребата за ваков хуман гест и со големо задоволство го дале својот придонес.

„Досега се пристигнати коси од 240 лица. Најголем број коси се од девојчиња на возраст до 12 години, а најмалата донаторка имаше само три години. Но, имаме донатори од сите возрасти, од сите градови, па дури и од странство. Интересно е што добивме и донација од девојче од Јапонија.  Истото така, имаме донации и од многу машки кои ја чувале својата коса и сега за ваква цел одлучиле да ја скратат. Многу од пријавените немале намера да ја скратат својата коса, но кога го виделе нашиот оглас веднаш одлучиле дека вреди да ја скратат својата коса за ваква цел.Сите дечиња кои ни ја донирале косата го прават тоа со многу љубов и се пресреќни што можат да помогнат на некое другарче во болница. Има многу возрасни кои веќе донирале коса во Холандската организација , но овој пат нè одбраа нас“, посочува Серафимовска.

За реалиацијата на периките, вели дека се соочиле со неуспешни обиди тоа да биде сторено во Македонија, па затоа се одлучиле да побараат соработник од соседните земји.

„Ја најдовме Јасмина Бановиќ, госпоѓата која ќе ни ги изработува периките. Косата ќе се транспортира до Белград, каде ќе се врши и изработката и истите во форма на перика ќе бидат вратени назад во Скопје и ќе бидат подарени бесплатно на употреба на децата кои се лекуваат на хемато-онколошкото одделение при Детската клиника и на кои им се потребни перики“, објаснува Андријана.

Јасмина Бановиќ пак, посочува дека нема поголема радост од тоа да ја вратите насмевката на лицата на децата.

Јасмина Бановиќ

„Косата е како украс на главата, со многу или со малку коса вие правите свој украс. Мојата прва средба со децата кои боледуваат од малигни болести беше многу емотивна. На Детската Клиника Тиршова – Белград, на онколошкиот оддел дојдов да се видам со едно девојче на кое ѝ дијагностицирале малигнитет и која мораше да останане во болница на терапија. Имаше долга коса, а јас дојдов да ја ишишам за од нејзината коса да направам перика. Сите од девојчињата кои се лекуваа имаа посебна желба како да изгледа нивната перика и каква фризура би сакале да имаат.

Периките се прават исклучиво по мерка, на личноста на која и е потребна, од материјал прилагоден на кожата на главата и исклучиво од природна коса. За изработка на периките е потребно до 500 грама коса, и процесот на изработка е од 3 недели до месец дена. Важно е луѓето да се свесни дека губењето на косата е последица на болест и дека на некој таа коса многу значи, а поготово за децата кои се во период на растење и пубертет, косата расте а најважно е здравјето. Нема поголема радост, од тоа кога ќе им ја вратите насмевката на лицата на децата, секое девојче кое се лекува од малигнитет би било пресреќно што има своја коса/перика“, вели Јасмина.

И токму во таа цел ги здружиле силите.

„Секоја перика се прави по мерка, од материјал прилагоден на кожата на главата и исклучиво од природна коса и има рок на употреба до 3 години. Процесот на изработка трае од 3 недели па до 1 месец. Наша најголема желба е сите деца да бидат здрави и никогаш да не ја изгубат својата насмевка. Токму затоа, за да ја вратиме нивната насмевка во текот на нивната борба со канцерот, одлучивме да го реализираме овој проект“, додава Андријана.

Инаку, со оглед на тоа дека првиот оглас заврши пред десетина дена, а интересот е се' уште голем, од „Сано“ велат дека им е во план да ја повторат.

„Многу сме им благодарни на сите кои ја донираа својата коса и дадоа придонес во нашиот проект. Ние веруваме дека оваа акција е успешна и за неколку месеци повторно ќе ја реализираме за да оние кои не успеаа да ја донираат косата сега, да го направат истото во иднина“.

Одличен пример за љубов, поддршка, хуманост и враќање на надежта во добрината на човековото срце.

 

фото: facebook.com/sano.ngo.mk, fashionel.mk;

Објавено:
25 јуни 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
764 пати