Како се откриени познатите манекенки

25 јули 2013

Следниве манекенки се пример дека може да бидете откриени во супермаркет, на улица или додека јадете во Мекдоналдс и преку ноќ да станете светски позната супермоделка. Тоа откривање е „задача“ на модниот скаут, лице кое е извежбано да забележи манекенски потенцијал во толпата луѓе, односно во неколку секунди да препознае дали некоја личност е родена за манекенка иако ја гледа за првпат. Голем процент на познатите модели биле откриени токму од овие „ловци на манекенки“. Јелена Ивановиќ, српска манекенка што доживеа светска слава во средината на 90-тите години, професијата на скаут ја изучи во Милано и во последниве години се посвети на откривање на нови модни лица. Ивановиќ е азслужна за светскиот пробив на македонските манекенки Катарина Ивановска, Мартина Павловска и Елена Трајановска.

Еве ги приказните на светските манекенки како биле откриени...

 

Приказната на Наталија Водјанова е како од бајките – таа пораснала во сиромашно семејство во Нижни Новгород, Русија, и била забележана додека продавала овошје на улична тезга. Денес таа е позната манекенка и настојува да се реализира како актерка. Но Наталија не заборави на своето потекло и стана вистински филантроп. Ја основа фондацијата Nаked Heart преку која собира пари за градење детски игралишта во Русија.

 

Еден дождлив ден Лили Доналдсон била на шопинг со пријателка во лондонскиот кварт Кемден. Тогаш 16-годишната Лили барала заштита од дождот кога ѝ пришол скаут за модели и ја замолил да ја посети неговата модна агенција.

 

8.Жизел Бундшен е родена и порасната во гратчето Хоризонтина во јужниот дел од Бразил. Модни скаути ја забележале додека јадела во Мекдоналдс за време на една училишна екскурзија во Сао Паоло. Воедно тоа била нејзината прва посета на мултимилионскиот Сао Паоло.

 

Клаудија Шифер се забавувала во еден ноќен клуб во Дизелдорф кога ѝ пристапил моден агент. Таа многу брзо ја почна манекенската кариера и стана заштитно лице на Шанел и Гес, што е поразлично од желбата на Клаудија да стане адвокат.

 

Оваа приказна стана модна легенда: Кејт Мос беше забележана на аеродромот Кенеди во Њујорк, додека чекала лет за Лондон по семејниот одмор на Бахами. Беше тоа во 1988 година кога Кејт имаше само 14 години.

 

.

Линда Евангелиста беше учесник на изборот за Мис тинерџерка на Нијагра. Иако не победи ниту освои награда, беше забележана од моден агент на агенцијата Elite.

 

Тринаесет годишната Адријана Лима беше откриена во трговски центар додека се шетала со својата мајка. Две години подоцна го освои првото место на изборот за „Супермодел на светот“ на агенцијата Форд што ѝ ја лансираше светската кариера.

 

Роузи Хантингтон-Вајтли првично сакала да работи зад камерите во модниот бизнис. „Станав манекенка затоа што многу ја сакав да работам во модата. Сакав да бидам стилист или шминкер. Наместо тоа, додека бев на пракса бев избрана да работам како манекенка“, изјави Роузи.

 

Синди Крафорд за време на летниот распуст работела во фабрика за пченка кога ја фотографирал фотограф од локален весник. Иако добила стипендија да студира за хемиски инженер, по позитивните реакции на фотографиите, Синди понува да размислува да се занимава со манекенство и се пријавила на избор на агенцијата Elite.

 

 

 

 

Објавено:
25 јули 2013
Категорија: 
Стории