Како се ткаеше модната историја на „Макфест“

7 октомври 2013

Најголемиот фестивал на забавна музика во Македонија „Макфест“ се одржува под закрилата на градот на Исарот, Штип секој октомври од 1985 година па се до денес. Низ фестивалот се слушнале преку 800 композиции, од кои поголемиот број се хитови и евергрини.

 

 

Да се потсетиме малку на историскиот момент за овој фестивал. Макфест долги години беше единствениот промотор на македонската музика надвор од државата. Во рамките на Југославија беше интернационален фестивал, со многу гостувања на познати странски музички имиња, а по осамостојувањето стана најголем музички бренд на нашата земја. Член е на Меѓународната федерација на фестивалски организации (ФИДОФ) со седиште во Лос Анџелес во која членуваат 1600 фестивали од 102 земји од светот. Поради добри резултати два пати доби признание од (ФИДОФ), а во 1997 година е прогласен за фестивал на годината. Макфестовската сцена продолжува да лансира нови музички ѕвезди.

Вера Јанковиќ водител на „Макфест“

Пред стартот на фестивалот одлучивме да ви понудиме една кратка модна ретроспектива на дел од модемите и креациите на учесниците во текот на овие 28 години колку што постои „Макфест“. За таа цел ја исконтактиравме Вера Јанковиќ која 13 години е присутна на макфестовската сцена и претставува столб која ги има апсолвирано сите естетски збиднувања:

„Приказната е иста и тогаш и сега, секој со своите 5 минути пресудни за кариерата. Плејада на крајности и екстреми од комплетен погодок до целосни промашувања. Сметам дека, многумина од учесниците успеваат да го искористат тој битен медиумски момент за промоција на сопствениот лик и дело. Секоја чест на исклучоците, но сепак мислам дека недостасува гламурот и естетиката на фестивалската сцена. Тоа се генерално правилата на играта“, вели Јанковиќ.

Можеме слободно да се согласиме дека времето си го прави своето па ако се навратиме малку во модната фестивалска историја, конкретно на „Макфест“ ќе забележиме дека од 1986 година па до денес направена е вистинска револуција во кроевите, моделите, деталите, модните додатоци, шминката, боите, фризурите. Почнувајќи од Хелена Благне која во 1986 година на „Макфест“ ја испеа „Кога те нема“, облечена во металик фустан припиен за тело,со моден додаток ракавици на кои беа зашиени крилја по крајот, долга коса со кренати шишки на страна, стајлинг кој комплетно ги отсликува 70-тите години и кој е мошне смел избор за тоа време, личи на марсовско-вселенски костим, кој во комбинација со нејзиниот моќен вокал и ја донесоа и првата награда.

Останатите карактеристики на женските модели се широки кошули со неизбежните потпонки, по можност тие да се од некој лесен свиленкаст материјал и тој да има дезен со точки и златни копчиња, како кошулата на Маргарита Христова и Маријана, а за оние кои сакаат да го нагласат сексапилот кратките припиени фустани во стилот на Тајчи стегнати со дебел ремен околу струкот е идеален избор, како она што го носи Силви од групата Силви Бенд. Не заостанува и андрогениот стил кој може да го забележиме кај Лидија и Тања Кочовски кога ја изведуваа заедно со Игор и Апелгрен легендарната нумера „Љубов запеј ни“. Да не ги заборавиме и пумпарестите ракави особено во делот на рамениците, кој му даваат по малку куклест епитет на целиот стајлинг, а можевме да го забележиме кај Росана од дуото Маријана и Росана кои ќе останат запаметени по нивната „Признавам“ и кај Љупка Димитровска која носеше бел фустан во вид на невестински фустан изведувајќи ја „Ѕвона Ѕвонат“.

Шминката е во екстреми и се движи од силни тонови до минимализам сведувајќи се само на туш, маскара, кармин и руж. Фризурите се како тонски скали, од тапирани кошеви, кои беа белег на 70-тите, па слатките пунџи со кадрица на стана од лицето кои беа актуелни во 80-тите и тоа беше синоним за уредно средена свадбарска и матурска фризура, па се до едноставни пеглани кон крајот на 90-тите. Макфест претставува вистинска плејада на стилови и правци, сведок на едно време, една епоха, еден живот.

Вера Јанковиќ водител на „Макфест“

Еве што ни изјави домаќинката на „Макфест“, Вера Јанковиќ за својот стил и колку музиката влијае врз нејзиниот моден изглед.

„Секогаш сум достојна на сопствениот печат. Не сум дозволила досега друг модно да ја спакува мојата бесна енергија на сцената, па и пошироко. Доследна на R’N’R како стил на живеење, размислување, почит кон арената која бара дополнителни жртви и манифестација на бунтовната природа“.

За музиката пак вели дека е првата и последна станица од нејзиниот животен стил  и додава:

„Погледни како е облечен човекот за да добиеш јасна слика буквално за се, како воопшто го доживува петолинието, ако воопшто го доживува, како размислува и што се можеш да очекуваш од дотичната комбинација. Јас сум креативен хаос, фантастичен микс од различни временски периоди, смели комбинации, зачинето со детали кои пак ја раскажуваат музичката, стилска и животна приказна. Своја на своето. Без ограничувања и притисоци од средината. Идентитетот е света работа па макар бил и добар“, заклучува Вера.

Вера Јанковиќ водител на „Макфест“

Во однос на машката мода која продефилира на „Макфест“ низ годиниве што поминаа, може да се забележи едноставност и контраст на бои.

Од стајлинзите на Трајче Манев, Драган Каранфиловски-Бојс и Игор Џамбазов чии песни има посебно место во музичката кутија на фестивалот можеме да забележиме дека сакоата се еднобојни или во каро дезен, во предимезиониран крој, со завратени ракави, во комбинација со темна блуза под нив независно дали е ролка или маичка со темни класични панталони и едноставни кошули.

Доколку под сакото носат кошула тогаш темната монотонија се разбива со шарена вратоврска. Нормално како одминуваат годините машкиот костум стана како задолжителен дрес код за оваа манифестација, секако со извесни трансформации на моделите, кроевите, боите и дезените. Интересен е моментот на промени во поглед на фризурата.

Мажите не прават фризури но затоа следат трендови кои се актуелни за одреден период како би биле модерни. Па така почнуваме со „Брилијантин“ фризурата на Трајче Манев, низ „Тетратка“ стилот на Игор Џамбазов, па се до залижаниот изглед на Крунослав Слабинац, па низ ултра модерните боцки, како кај Јован Јованов, и фамозната „фудбалерка“ на Дејвид Бекам која ја носеше Влатко Лозаноски итн.

Па, за крај, можеме да констатираме дека мажите и жените се рамноправни како во следењето на стилови и трендови така и во одржување на тенденцијата да бидат модерни. Сепак генералното мислење е дека недостасува гламур на макфестовската сцена, со чест на исклучоци, но фактот дека повеќето дури и немаат свој стилист е навистина загрижувачки пред се поради тоа што традицијата и културата која ја негува овој фестивал не дозволува и не заслужува такво непочитување од страна и на изведувачите и на организаторите. Тоа е моментот кога треба да блескте, да останете запаметени по нешто. Не смеете да си дозволите  модна утка на ваква манифестација и лепење „етикети“ на лошо облечена или смешно стилизирана личност. Можеби тука модните професионалци треба да вмешат прсти и да дадат насоки во однос на изгледот кој би бил соодветен на комплетното ниво на фестивалот.

„Немам баш големи познавања од македонската модна сцена, бурно реагирам кога ќе ми се допадне некое парче, а се случува од време на време“, вели водителката.

Вера Јанковиќ водител на „Макфест“

Еве еден мал апел, поттик, стимул или едноставно предизвик за сите модни дизајнери и куќи кои се етаблирани и афирмирани во модниот свет  од моден аспект да го оживеат гламурот во макфестовската историја.

Објавено:
7 октомври 2013
Категорија: 
Стории