Кејти Роџерс: Сакам да и дадам поинаков шарм на модната уметност

5 јуни 2014

Уметноста е човечка активност, производ на таа активност или идеја за истата поврзана со сетилата, емоциите и со интелектот. Може да се рече дека уметноста му е својствена на човекот со што тој се разликува во рамки на природата и се издвојува од останатите живи битија. Иако денес под поимот уметност обично се подразбира визуелна уметност, концептот за тоа што е уметност се има менувано низ вековите. Од поширока перспектива уметност е едноставно изведен поим за било кој производ на креативен импулс од кој произлегло некакво творештво на човекот кој ја создава.

Кејти Роџерс е уметник во секоја смисла на зборот и припаѓа на плејадата талентирани уметници кои водени од својата желба и идеја да се издвојат од толпата и да создадат нешто уникатно, единствено и оригинално ги удри темелите за создавање нови модни визии направени од хартија.

Водените бои и четките се нејзини најдобри пријателки уште од најраното детство, а две децении подоцна станаа и нејзина професионална вокација. Таа првенствено работела како дизајнер во спортската компанија Рибок но никогаш не можела да се ослободи од цртањето. Таа црта скици на креации кои ги носат познатите ѕвезди или манекенките на ревии, давајќи им многу љубов, вдахнувајќи им живот со една цел да понуди подобра и во секој случај необична визуелна приказна создадена на бел лист хартија, а не фотографски кадар.

Цртањето скици било само нејзини хоби, а дизајнирањето за Рибок примарна работа, но откако увидела дека хонорарниот труд и носи поголема заработувачка, решава да даде отказ и почнува да работи како визуелен уметник. Како резултат на нејзината неверојатна инвентивност и посебност на техниките модните куќи Баленсиага, Диор, Мисони и Таргет решија да ги побараат нејзините услуги.  Цртањето илустрации и посветеноста на работата во 2009 година кулминираа со создавање на нејзин веб сајт насловен Paper Fashion, каде таа ја изложува целата нејзина работа.

tumblr_mivb0hDMLF1s4mpljo6_1280

Првиот нејзин проект кој добила задача да го скицира била Мет галата во 2012 година.

„Седнав на мојата маса, ја гледав во живо Мет галата и почнав со работа. Цртав цела ноќ. Тоа беше неверојатно ѕвезден момент за мене. Гледајќи го целиот тој свет исполнет со раскошни фустани, тоалети, модни икони едноставно се вљубив во Њујорк. И можеби тоа беше и пресуден момент за подоцна да се преселам во „Големото јаболко“, открива Кејти.

Кејти открива дека за да изработи една илустрација потребни и се пет до петнаесет минути и додава дека се соочува со огромна трема секогаш кога ќе треба да создаде некаков проект.

„Важна е психичката подготвеност, но и брзината на цртање. Ми влијае бучавата и се трудам да се изолирам, да се исклучам и да се транспортирам во мојата креативна зона, ако сакам да ја завршам работата“, вели Роџерс.

Илустраторката обожава да работи за модната куќа Диор и Ермес, но исто така ја фасцинира забавната и филмската индустрија.

„Јас имам една и единствена желба, а тоа е еден ден да ми се укаже можноста да работам за Дизни“, изјавува талентирана уметничка.

Неодамна Кејти имаше ексклузивна  можност да ги скицира изгледите на посетителите на CFDA наградите.

„Ме фасцинираше Лупита, со нетрпение очекував да ја видам, признавам. Но ме воодушевија и близначките Олсен, а особено Блејк Лавли.

Се надеваме дека во иднина ќе можеме да видиме уште многу скици, нацртани од Кејти Роџерс која ќе продолжи да не маѓепсува со својата оригинална перцепција и инспиративните визии внесувајќи и еден поинаков шарм длабоко во порите на модната уметност.

 

Објавено:
5 јуни 2014
Категорија: 
Стории