Приказни од градот

Кога последен пат скршивте нешто? Време е да ја посетите антистрес собата!

9 април 2021

Некои луѓе плачат, некои спортуваат, некои викаат, а некои со задоволство кршат. И сè со цел да се ослободиме од акумилираниот стрес кој секојдневно нè јаде. Колку пати ви дошло да ја треснете вазната на земја, да скршите некоја чинија? Што од бес, што од немоќ, што од умор или нервоза. Потребна ви е антистрес соба.

Откако убаво ќе ве опремат и ќе влезете во антистрес собата, конечно ќе можете да ги истурите сите свои демони на мебелот, покуќнината, ИТ опремата која е таму токму за таа намена - да биде скршена! Без инхибиции!

Потребата од антистрес соба во Скопје е и повеќе од добредојдена! За првата антистрес соба во Македонија, разговаравме со Горан, млад и креативен дечко, кој оваа катарза им ја овозможува на сите заинтересирани.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Smash It Up (@__smash_it_up__)

Што претставува антистрес соба? Од што се состои? Која е нејзината главна намена? 

Антистрес собата е еден вид на специјализирана просторија каде што клиентите преку кршење на одреден вид на предмети се ослободуваат од стресот. Се кршат стаклени и керамички предмети, санитарија како и претходно соодветно и безбедно обработена ИТ опрема. Со едно замавнување го намалувате стресот и го добивате потребното ниво на адреналин. 

 

Клиентите добиваат заштитна опрема која се состои од јакна, панталони, специјални ракавици, чевли или чизми и заштитен шлем со визир. Ризикот е сведен на минимум и до сега сите излегле среќни и задоволни. 

Како се роди идејата за вакво нешто кај нас? Што те инспирираше да направиш еден ваков систем за празнење на негативната енергија?

Идејата навистина ја видов сосема случајно уште пред 2-3 години но тогаш немав храброст да започнам свој бизнис... Минатата 2020 се случи пандемијата и останав без работа но, јас сум од оние типови луѓе кои „не можат да седат мирни“, па  со огромна поддршка од најблиските решив да започнам сопствен бизнис и се одлучив баш за оваа идеја бидејќи ја немаше кај нас. 

Ние само нудиме еден алтернативен начин за празнење на негативната енергија. Секој си има свои канали и начини за празнење на стресот и негативната енергија, а ние одбравме да го понудиме овој начин и се надеваме дека, освен што ќе им помогнеме на нашите клиенти, ќе придонесеме во заштитата на животната средина со тоа што ќе го рециклираме она што се крши во анти-стрес собата.

Што сè може да се прави во антистрес собата? Колку трае една сесија? Дали е потребна некаква претходна подготовка? 

За да ги користите нашите услуги потребно е само да бидете полнолетен и не треба никаква претходна подготовка. Сесијата може да трае од 2 до 20 минути, тоа зависи од желбата на клиентите. Се надевам дека во скоро време ќе понудиме и персонализирани пакети па на тој начин би понудиле едно навистина уникатно искуство за клиентите.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Smash It Up (@__smash_it_up__)

Кои се придобивките од времето минато во антистрес соба? 

Покрај тоа што моментално се ослободуваш од стресот и негативната енергија во исто време се грижиме и за околината бидејќи стаклото го носиме на рециклирање, а за керамиката сме при крај на наоѓање соодветно решение за да не заврши на отпад.

Колкав е интересот досега? 

Интересот е задоволувачки и плановите ни се да ја прошириме понудата со нови пакети и нови услуги за клиентите.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Smash It Up (@__smash_it_up__)

Стресот во денешното живеење е неминовен. Тој е можеби и почест од воздухот кој го дишеме. Па следниот пат кога не ви е денот, за да не се испокарате со шефот, да не и' се истурите на касиерката во маркет или на возачот пред вас, еве една идеја како да се ослободите од стресот!

Објавено:
9 април 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
306 пати