Која е Мери Квант – мајката на мини здолништата

28 октомври 2022

Мери Квант имала едвај 21 година кога заедно со нејзиниот сопруг Александар Грин во 1955 година го отвориле нивниот прв бутик Bazaar во лондонски Челзи.

До тогаш таа била непозната дизајнерка која студирала илустрација и изработувала шешири во еден лондонски салон. Во тој период се носела облека со пристојна должина до колена или малку под нив, заедно со уредни фризури, а ќерките најчесто се облекувале слично како и нивните мајки.

Но, промените во однос на улогата на жената во општеството, наголемо се насетувале.

Сѐ повеќе жените самостојно заработувале, сами си ги плаќале сметките и биле во потрага по послободна облека. Таква што и буквално и симболично ќе ги ослободи од стегите и ограничувањата што култоролошките феномени ги наметнувале, меѓу другото и преку одредени правила како треба или не треба да се облекува една жена на одредена возраст.

Меѓу младите еманципирани жени, Квант ја наоѓа својата природна средина. Во тоа време таа креирала шарени пуловери и фустани во А линија со бели јаки кои станале голем хит и ѝ овозможиле да отвори уште една продавница на друга локација две години подоцна. За неа тогаш пишувал и Harper's Bazaar, наведувајќи дека Квант и Кики Бирн биле единствените дизајнери во Лондон кои дизајнирале модерна облека за млади жени во тој период.

„Кога ме открија мене во 1966 година, Мери Квант веќе оставаше исклучителен белег во светот на модата. Пред нејзините креации, не постоеше облека за младите. Девојките во 50-те во основа се облекуваа како нивните мајки. Таа сето тоа го промени и поради тоа за мене е голема инспирација", ќе рече култниот модел Твиги во интервју за британскиот Вог во 2019 година.

Мери Квант е дамата која направи модна револуција откако во 1965 година лансираше здолништа кои беа за неколку сантиметри пократки од здолништата до глужд. Од тука започнува и трендот на мини здолништа, име добиено по името на нејзиниот омилен автомобил Мини.

Доколку истражувате, веројатно ќе наидете на податоци кои нејзиното име најчесто го поврзуваат како изумител на мини здолништата иако фактите низ историјата говорат дека мини здолниште во различни културолошки и социјални контексти, носеле и праисториските луѓе. Така изумител можеби не е најсоодветниот термин, но дека ги популаризирала во 60-те како моден манифест на женската слобода и феминизмот, тоа е факт.

Тука се споменува уште едно зачајно име поврзано со дизајнот на мини здолништа во моден контекст - Господарот на мини здолништето – Андре Куреж.

Примарно Квант е најголем „виновник" за мини здолништата во Англија, но во Франција дизајнерот Андре Куреж, успева да создаде линија на здолништа кои со футуристичкиот дизајн, конкурираат во однос на правилата на облекување според утврдената Висока мода. Иако долги години траеше дебатата околу тоа дали Куреж или Квант влијаеле во еманципацијата на младината за промена на модните тенденции, сепак и двајцата имаат заслуга за лансирањето на ова парче, на улиците на светските метрополи.

Конечно, минатата година се реализираше првиот и единствен до сега документарен филм посветен на сега 92-годишната Мери Квант, што е малку неблагодарно од модната индустрија со оглед на нејзиниот фантастичен импакт во модниот свет. Филмот е режисерско деби на актерката и продуцентка Сејди Фрост, а го следи животот на Квант од нејзиниот прв бутик и почетничките исчекорувања до глобалниот успех како светски позната дизајнерка која им понуди моден избор на жените. Во документарецот се интервјуирани и Кејт Мос, дизајнерката Вивиен Вествуд, како и уредникот на британскиот Вог, Едвард Енинфул.

Објавено:
28 октомври 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
476 пати