Македонските дизајнери прогнозираат: ретро 60-ти и стилски миксови за претстојните есен и зима

16 септември 2014

Модниот барометар за претстојната сезона веќе ги дефинираше доминантните тенденции, барем кога светската модна индустрија е во прашање. Но, во секое правило не се ретки и исклучоците особено кога во фокусот е една креативна сфера како што е модата.

Ако според глобалните трендовски прогнози не’ очекува топла и удобна зима „обвиткана“ во шарени плетенини, богато крзно, предимензионирани капути или пончо, а под сета таа слоевитост  ѕирка романтичниот шмек на 60-тите со миди здолништата како ултимативно парче од оваа, секогаш инспиративна декада, тогаш што според македоснките дизајнери ќе биде „пресликано“ од она што го наметнува глобалната на домашната модна сцена?

Имајќи во предвид дека есенските трендови веќе не се само прогноза, туку  и се носат, разговаравме со дел од македонските дизајнери кои со Fashionel ги споделија своите размислување за тоа кои ќе бидат доминатните трендови оваа сезона, но истовремено повлекоа и една паралела помеѓу „must have“ и „out“ парчињата. Како заеднички пресек помеѓу светските модни тенденции и прогнозите на македонските дизајнери, апсолутно е редефинираниот шик од 60-тите години.

„ Секоја сезона како и оваа дел од трендовите се провлекуваат од некое минато време, а пак оние таканаречените нови трендови се всушност модификацијата од нешто веќе постоечко или видено. Но, кога би направила дефиниција во однос на моите ставови за тенденциите за претстојната есен-зима сезона, таа е во насока повторно меѓу спојот од старото и новото. Па така, сметам дека нагласената половина со впечатливи ремени, посебно споени со миди здолништа ќе бидат ултимативниот хит за студеното време. Инспирацијата од 60-тите наративно ќе опише фаза на период кој отсекогаш буди интересен микс кога ќе се помеша со денешните форми и текстури“, вели младата авангардна дизајнерка Милена Атанасова која се потпишува зад етикетата АТАМИ.

Таа додава дека иако станува збор за зима, принтовите во никој случај нема да бидат изземени посебно оние во Оп-Арт техника.

„Секој ќе може да се пронајде и во бајковитите романтични модели, тука ќе бидат синонимите за зимата- плетениците, а посебно нагласувам на класичните сакоа во машки кроеви или поточно андрогените изгледи. Кога станува збор за боите, тие ќе се движат во спектарот на бежовите нијанси, но ќе контрираат и сјајните металик, посебно златната. За  аксесоарите, веќе напомнав дека хит ќе бидат ремените од најразлични материјали, големини, начинот на врзување,  и дефинитивно некое парче со принт  или вез од 60-тите“, Милена ја резимираше својата тренд прогноза.

Како водечка инспирација, 60-тите години ги посочува и дизајнерот Роберт Ивановски.

„60-тите години од минатиот век наголемо се враќаат оваа сезона во модата, па миди здолништа и фустани инспирани од овој период ќе бидат масовен тренд оваа есен“, вели Роберт.

Според него, иако е широк изборот за тоа што ќе биде тренд  оваа сезона, сепак карираните ткаенини, пастелните бои и графичките принтови ќе бидат меѓу водечките трендови оваа есен, на кои ги додава и XXL палтата и панталоните во машки крој, големите џемпери, спортската и удобна облека ,како и етно и фолк мотивите.

Креаторката Ирина Тошева за својата последна летна колекција се инспирираше од 70-те, но во однос на есенско-зимската сезона смета дека основниот инспиративен извор се навраќа една декада наназад, односно во 60-тите години кои ќе ги диктираат главните трендови, се разбира во модифицирана осовремена варијанта.

„ По се изгледа дека формите од 60-тите се голема инспирација за дизајнерите. Според мене во никој случај нема да се заобиколат чистите едноставни линии, андрогениот изглед, крзното и пердувите. Принтовите исто така ќе бидат застапени, но можеби во некоја посмирена дискретна варијанта“, вели Ирина.

Минимализмот и едноставноста ќе бидат еден од ултимативните трендови и според дизајнерката Христина Деспотовска.

„ Прави едноставни линии и форми... Убаво комбинирани парчиња со по некој неочекуван детаљ, иако според она што го нудат брендовите застапени кај нас преовладува стилот од 80-тите кој според мене кратко ќе трае и лично не ми се допаѓа, освен за помладите со соодветно комбинирање“, прогнозира Христина.

Стилските миксови, комбинациите на различни материјали, дезени и техники е една од најобожуваните тенденции кај светските дизајнери, која им отвора широка перспектива за слободно и креативно изразување.

Токму оваа тенденција ќе биде ултимативен хит и според дизајнерскиот тим на модната куќа Елена Лука.

„ Претстојната сезона ќе биде во знакот на комбинациите на материјали и форми, како и миксот на класичното со спортска нота, што на колекциите им дава нов правец. Крзното има голема улога со комбинациите на топлите бои и нијанси кои даваат дополнителен естетски печат на топлите есенски и зимски стајлинзи, а секако не смеат да се заборават и аксесоарите во златна боја“, дефинираат од дизајнерскиот тим на Елена Лука.

Дека принтовите не се резервирани единствено за топлата пролетно-летна сезона, потврдуваат и дизајнерите Никола Ефтимов и Ивана Кнез.

„ Од  мноштвото трендови, би ги издвоил печатењата со животински мотиви во различни стилизации, мотивите произлезени од стриповите и илустрациите, мотивите на розата,  комбинациите на црното со розевото, новите интерпретации на фолклорот, слоевите и во изгледот, но и во конструкција во облеката, интензивните бои за стоплување на студените месеци“,  го сподели своето размислување Ефтимов.

Ивана Кнез трендовскиот акцент го става на урбаниот стил: принтови, графички решенија и предимензионирани кроеви и понатаму преовладуваат во светските трендови.

Удобниот, лежерен и опуштен изглед некако се почесто се наметнува на глобалната сцена и зафаќа се поголеми размери, независно за која сезона се работи.  Дизајнерите се’ почесто креираат според правилото „нослива мода“ која покрај тоа што треба естетски да биде допадлива, истовремено треба да биде и практична.

Ова размислување го дели и дизајнерката Оливера Штакоска која носливоста, практичноста и удобноста ги посочува како водечки тенденции за оваа есен: Мислам дека оваа сезона дефинитивно ќе преовладуваат пошироките кроеви кај облеката и посилните бои.

Паралелата помеѓу „must have“ и „out“ парчињата повторно ги соединија дизајнерите во нивните размислувања.

Како задолжителни ни ги посочија кожената јакна во комбинација со крзно, плетивата и дебелите топли шалови, комфорните палта, џемперите со големи печатени мотиви или карактеристична плетка, едноставно скроените фустани кои се лесни за комбинирање, како и бундите со пердуви или пак мини клач чантата „Lovecat“ .

Креаторката Лидија Георгиева наместо парче, посочи на задолжителна силуета за периодов.

„Повеќе би рекла „must have” силуета, откoлку парче. Препорачувам барем една комбинација со крупна плетена туника или пончо во комбинација со слим фармерки. Сѐ уште добро функционира таа комбинација“, кажа Лидија.

Спротивно на ова, како тотален „out“ ги издвојуваат патиките на високи потпетици, формите од 80-тите, екстремно високите потпетици, но и напнатиот стил во облекувањето. Дизајнерот Никола Ефтимов особено потенцираше „Не сум сигурен дали е токму „out“ само за оваа сезона, но едноставно би сакал полиестерното трико и од него направените облека и додатоци, засекогаш да биде лош флеш од минатото“.

Но, од друга страна ако веќе имате прецизно дефиниран стил и јасен визуелен идентиет, тогаш секое парче „го знае“ своето место во комплетната слика на вашиот имиџ.

 

Објавено:
16 септември 2014
Категорија: 
Стории