Маноло Бланик крал на тенките потпетици

5 јуни 2013

 

Маноло Бланик

 

Со кариера од над триесет години, Маноло Бланик стана еден од највлијателните дизајнери на чевли во светот. Неговите „Манолос“  се меѓу најпрепознатливите на пазарот, кои имаат мала армија на лојални фанови и следбеници на речиси сите континенти во светот.

Мануел „Маноло“ Бланик Родригез, роден во 1942 година, во Шпанија и израснат на Канарските Острови. Почнал да се интересира за модата уште од рана возраст, гледајќи ја својата мајка како ги носи дизајните на тогаш познатиот Кристобал Баленсијага, и прелистувајќи ги актуелните модни списанија од тој период. Иако неговите родители посакуваа неговата карира да биде правото, Маноло на Женевскиот Универзитет одлучи да студира на катедрата за јазици и уметност. Во 1965 година се преселува во Париз и почнува да работи како театарски костимограф и дизајнер. При една посета на Њу Јорк, добива извонредна можност своето портфолио да и го покаже на тогашната уредничка, легендарната, Дијана Вриленд, која му сугерира да се насочи кон дизајнирање на чевли.

 

Маноло Бланик: Something Blue Satin Pumps

 

Бланик потоа се преселува во Лондон, каде почнува да работи во модниот бутик Запата, а во меѓувреме пишува статии за италијанскиот Вог. За уметноста на создавањето и креирањето учел од посетите на фабрики, каде се информирал за целиот процес на производство, почнувајќи од прилагодување на функциите на машините за шиење, па се до кроење и создавање на моделите. Во 1972 година најпознатиот дизајнер од тоа време Оси Кларк, го ангажира како дизајнер на чевли за неговата ревија. Од тој момент кариерата на Маноло Бланик почнува да се искачува по нагорна линија. Позајмува 2000 фунти, и го купува бутикот Запата, во лондонскиот кварт Челзи, 1973 година го отвора свој сопствен салон. Како голем љубител на тенките потпетици, Маноло веќе во 70-тите години го „бојкотира“ трендот на масивни платформи, кои се влезени во порите на маинстрим модата и продолжува по свое, собирајќи  во својата продавница елитна клиентела.

 

Дизајн на Маноло Бланик за ревијата на британскиот креатор Оси Кларк

 

Неговиот бутик во Лондон доста често го посетувала Бјанка Џегер, која носејќи ги маноло потпетиците го приреди оној фамозен влез во Студио 54 на бел коњ. Неговите потпетици своевремено ги обожавала и поп иконата Мадона, која во една прилика има изјавено дека се подобри и од секс, на што дизајнерот остро враќа: „Мораме да и се дивиме на Мадона, таа така вешто го прикрива недостатокот на талент“. И покрај овие недолични префрлања, потпетиците на Маноло Бланик станаа симбол на еден прочистен и класичен стил на 21. век. Британскиот дизајнер отсекогаш бил синоним за вистински мајстор на својот занает, а неговите неверојатно обликувани калапи и потпетици и ден денес се усовршуваат и вајат во неговите раце. Линиите и силуетата на неговите чевли моментално се единствени и препознатливи, бидејќи претставуваат идеален спој од  занает и луксуз. Чевли создадени од дизајнер кој во минатото често бил пионер на нови стилови ( да се потсетиме на 70-тите и неговите чевли без пета).

 

 

Како што и Бланик често знае и сам да каже, неговите чевли и помагаат на жената во нејзината трансформација , и навистина кога само би облекле и една негова тенка потпетица, во огледалото би виделе жена полна со стил, женственост и сексапил, која знае што сака и како сака да изгледа. Претходно спомнатите епитети се и мотив поради кој на дневна база жените трошат и по неколку стотини фунти на само еден пар маноло чевли, а на искушението не успеа да му одолее ни Кери Бредшо, колумнистката од позната ТВ серија „Сексот и Градот“, која неговите потпетици ги носеше со огромно задоволство од епизода во епизода. Модните медиуми се едногласни дека токму оваа серија му помогнала на Бланик да биде тоа што е денес, а бесплатната реклама дизајнерот ја доби во една од епизодите од третата сезона во која еден непознат крадец на сред бел ден сака да и ги земе чевлите на Кери, на што таа вели: „ Ве молам господине, можете да ја земете мојата Фенди чанта, мојот прстен и мојот часовник, но не земајте ми ги моите Маноло Бланик“, со оваа реплика на Кери дизајнерот на големо влезе во светот на легендите.

 

Сара Џесика Паркер-Кери Бредшо

 

Маноло исто така во филмскиот проект „Сексот и градот“ е посветен на еден исто така важен сегмент, кога Господинот Ѕверка ја проси Кери за жена со пар потпетици, изработени од син сатен. Нивната фатална средба, завршува со свадба, на која Кери наместо веренички прстен ги носи сатенско сините потпетици, кои после оваа сцена, беа распродадени во сите продавници на Маноло Бланик. Листата на обожавателки на ликот и делото на Маноло Бланик навистина е долга. Освен тоа овој англиски дизајнер на 70-тите години, доста често има дизајнирано и поп-арт чевли, за својата блиска пријателка, модната икона Ана Пјаџи. На листата на негови соработници се еминентни имиња од модната сцена како Џон Галијано, Келвин Клајн, Каролина Херера и Исак Мизрахијем. Американските дизајнери го обожаваат, неговите потпетици константно се носат на ревиите на Зак Посен, Проенс Шулер и Такун.

 

Дизајн на Бланик за Ана Пјаџи, Дизајн за првата Диор couture ревија на Џон Галијано 1997 год., Првата потпетица на Бланик без пета (крај на 70-тите)

 

На неговиот шарм не одолеа ниту Викторија Бекам, која на претставувањето на своите ready-to-wear колекции бескомпромисно ги одбира неговите потпетици, уживајќи во нивниот софистициран дизајн и надвор од модните писти. Нив ги обожава и една од најмоќните модни уреднички Ана Винтур, а Маноло Бланик ја доби таа чест да биде едно од карактерните обележја на оваа исклучителна  жена, боб фризурата, впечатливите ѓердани и тенките Маноло потпетици во беж боја. Иако периодот после завршувањето на ТВ хит серијата „Сексот и градот“, беше време на стагнација на идеи, и тотално неинспиративен за овој дизајнер, сепак се одлучи да им се врати на своите корени каде ја пронајде својата старо-нова формула за успех. Повторно и се врати на сцената, дизајнирајќи неколку авангардни,  иновативни  и сензационални модели, кои во својата основа ја имаа онаа класична нишка и беспрекорна линија, и се едни од најносените и најобожаваните чевли на сите времиња.

 

Маноло Бланик во соработка со Викторија Бекам

 

Новиот изглед на неговите чевли резултираше со неколку извонредни колекции, заради што многу познати дами од високите кругови општеството, потпетиците на неговите конкурентни Кристијан Лобутин, Џими Чу и Брајан Атвуд ги закопаа длабоко во нивните плакари за чевли. До ден денес останала паролата, ако сакате рачно изработена чевла која не е создадена за масовно производство, одберете ги потпетиците со потпис на Маноло Бланик, чевлар по занает кој лично ја надгледува секоја етапа од производството на легендарните чевли. Неговите потпетици, кои досега имаа споредна улога во серијата „Сексот и градот“, „Twightlight“, „Absolutely Fabulous“, па дури во „Симсонови“, можете да ги набавите во продавниците во Њу Јорк, Лас Вегас, Даблин, Атина, Истанбул, Мадрид, Дубаи, Кувајт и Стокхолм. Освен тоа, Бланик се наоѓа на листата на дизајнери кои направија вистинска експанзија на истокот, па во тој контекст , да споменеме дека продавници со негови модели има во Хонг Конг, Сеул и Сингапур.

 

Омилениот модел „манолос“ на Ана Винтур

 

За неговиот придонес во модната индустрија одликуван е со орден од Кралицата Елизабета II, а на долгата листа награди кои ги има освоени ќе ги издвоиме оние кои му се доделени од Советот на американски модни дизајнери, како и оние од Британскиот моден совет, натпреварувања каде во 90-тите години Бланик редовно ја добивал титулата дизајнер на аксесоари на годината. Ако ја земеме в предвид целата плејада на модни икони, дами, познати личности кои се прошетале на црвениот тепих или по улиците, носејќи ги токму неговите модели, и признанијата кои ги освоил, за својот долгогодишен ангажман на посветеност и работа, Маноло во својата 72 година од животот зрачи со мотивација и инспирација повеќе од било кога, целејќи кон освојување на модниот пазар, и работејќи за лична сатисфакција на жените пред сè.

 

Маноло Бланик

 

 

 

Објавено:
5 јуни 2013
Категорија: 
Стории