Масовното производство му се заканува на шапкарскиот занает

27 јануари 2014

Токму вакви биле македонските модерни девојки кои во 80 – тите години биле големи вљубенички во шапките и скоро никогаш не ги симнувале. На корзото на „Рекорд“ воопшто и немало место за разминување од сета убавина и разноликост на шапки со кои нивните плакари изобилувале. Тие им биле едно од многуте оружја за освојување на машките срца, тие им помагале во градењето на самодовербата и цврстиот карактер, но им помагале и во тоа да станат олицетворение на класичната и елегантна жена со исклучителен карактер и без нималку стравови.

Денеска, тие девојки ги нема или се многу ретки, ако судиме по она што можеме да го видиме по улиците. Во потрага токму по таквите, заминавме во Старата скопска чаршија сакајќи да ги пронајдеме и да ги слушнеме приказните за шапките токму од старите мајстори. Поголемиот дел од нив не пречекаа пред дуќаните пиејќи чај со соседите – дуќанџии. Велат, така и го поминувале поголемиот дел од денот со оглед на неверојатно намалената продажба на шапки во последните години. Еден од најстарите шапкари во скопската чаршија, господинот Ацо Георгиевски ја живее последната занетчиска година. Кон крајот на 2014 - та оди во пензија и планира да го затвори дуќанот во кој работи цели 50 години. Вели, никој нема да го наследи бидејќи неговите синови студираат нешто сосема поинакво и немаат интерес да се занимаваат со овој занает.

„Порано не можев да постигнам со работа. Јас инаку потекнувам од шапкарско семејство, и се сеќавам дека во 80 – тите работевме сите заедно и повторно не можевме да постигнеме. Сега сум сам, но ништо не можам да продадам. Во златните години шапки се купуваа многу, најчесто од скопските девојки и тоа само во ваквите, специјализирани дуќани каде рачно се изработуваа. Никој не смееше да помисли да продава шапки на улица или пак на тезги. Целиот пресврт во шапкарството се случи во 2000 – та година со доаѓањето на кинеската роба во нашата земја“, раскажува Ацо, додавајќи дека порано се случувало да продаде и по 30 шешири за една недела, а сега истото количество го продава цели две години.

Вели, сегашнава ситуација со занаетот со кој тој се занимава од неговата 15 – та година, е неспоредлива со онаа од пред многу години.

„Продажбата во последниве години е неверојатно намалена, сега капите се продаваат насекаде, низ продавници, пазари, улици и мостови. Ние малку што сме останати, сепак се бориме, па јас во оваа индустрија сум 50 години, цел мој живот, и не можам лесно да се откажам. Тоа што капите сега можат да се најдат на секој чекор ни го уништи занаетот. Луѓето гледаат да поминат поевтино и воопшто не се грижат за квалитетот“, вели Ацо.

Како што беше случај и со останатите двајца шапкари со кои разговаравме, така и кај Ацо – ниту едно младо дете не се заинтересирало да го научи занаетот. Вели, тој нема проблем со тоа да ги учи младите на техниките и да има чираци, но едноставно, нема интерес кај децата што секогаш пред сѐ, се определуваат за сите останати науки, но не и за занаетот.

На исто мнение е и неговиот колега, мајсторот Мустафа Абдула кој е во чаршијата цели 50 години, но сега со нов дуќан – веднаш до Детскиот театар.

`

„Занаетот ни изумира, ако веќе и не е и изумрен. Нема ниту едно дете што сака да ми биде чирак и да го изучува занаетот. Се сеќавам, пред некое време дојдоа од некоја организација и сакаа да пратат некои чираци и сакаа да ни платат да ги обучуваме. Зашто да ми платат? Јас тука немам простор, им велам дајте ми простор и ќе ги учам, не еден, 10 ќе земам ако треба. Овој занает после мене умира, а тука во Скопје нема никој како мене и многу ми е жал за тоа. Она што е многу жално е тоа што традицијата на класичниот македонски качкет ќе се изгуби и тоа после цели стотина години постоење“, видно разочаран раскажува мајстор Абдула.

За продажбата ќе рече дека и се срами да зборува. Како што и самиот вели, сега работи како дуќанџија, а не занаетчија. Во првиот месец од новата година има продадено само три шапки, поради што, како што вели, евтината и неквалитетна роба и поради тоа што луѓето повеќе не ја посетуваат чаршијата.

„ Сите шапки што успеав да ги изработам ми стојат недопрени во дуќанот. Без разлика на тоа што е зима, луѓето и во овој период носат шапки, тие треба да се грижат за здравјето и да се заштитат. Прво доаѓа здравјето, а потоа модата. Чаршијата во последниве неколку години го губи авторитетот што го имаше порано. Јас не ја паметам чаршијата во вакво светло во последните 50 години откако работам. Најдобрите, златни години за занаетчиството, беа до 90 – тите години. Тогаш се беше поинаку, мислам дека луѓето имаа многу повеќе пари пред се. Можеа да си дозволат што сакаа. Младите денеска мораат да ја посетуваат, да ја заживеат и да запомнат -Чаршијата не е Бит Пазар, таа е Старата скопска чаршија. Но, денеска и таа повеќе ја нема“, вели господинот Мустафа.

Сакајќи да зборуваме за убавите работи, го прашавме како оди процесот на изработка на една шапка и веднаш му се врати жарот во очите.

„За една наједноставна капа, најмногу треба 16 пати да ја завртам низ рацеве за да ја продадам. Има процес и има посебни кроеви, калапи, мерки, желби на луѓето. За една работничка капа (како што тој ги нарекува), со мојата рутина и искуство ми треба околу половина час, но потоа имам цилиндар на кој ја доработувам цел ден. Но сепак, на крајот немам на кого да ја продадам. Ние занаетчиите не можеме да дојдеме на ред од сите оние трговски центри, продавници па и тезги по пазарите на кои се продава кинеска роба по евтини цени. Еден клиент ми вели дека истата капа што ја има кај мене ја купил за 300 денари на пазар, а јас сум му ја продал за 400. Е јас му велам дека не е истата. Таа е кинеска, а мојата е памучна и волнена и рачно изработена“, ни раскажува мајсторот, додавајќи дека никогаш во животот не бил песимист, но сега почнува да губи верба во сѐ, па дури и во себе.

„Соодветните луѓе треба да се заинтересираат за нас. Јас работам занает што е во изумирање, а никој воопшто не е заинтересиран, а тоа никако не смее да биде така. Благодарение на странците јас опстојувам и тоа само во летните месеци. Овој проблем мора да биде посочен јавно, за соодветните да се заинтересираат“, советува искусниот Мустафа Абдула.

Не заборавивме да отидеме и до најмладиот од нив, но со долга семејна традиција на изработување шапки. Илчо Трајковски има дуќан полн со модерни и квалитетно изработени шапки во сите бои што ви паѓаат на ум. Сосема спротивно од постарите мајстори, тој е задоволен од продажбата.

„ Последниве 2 - 3 години може да се каже дека има доста заинтересирани, откако почнавме да се рекламираме на Фејсбук. Младите ја следат модата, а знаеме дека сега шапките се во тренд, а најголемиот број купувачи се секако девојчиња, бидејќи мажите сѐ уште се некако неуки за шапки“, вели Илчо, кој сепак посочува дека месецов од новава година е целосно катастрофален.

„ Тоа се должи на сиромаштијата кај народот, на економската криза во земјава. Единствено сега ни преостанува да го чекаме летото, период во кој има многу странци кои навистина купуваат. Странците навистина ги разбираат шапките и многу од нив поради тоа и ги купуваат. Тие знаат што е квалитетно, а што не е. Во западниот дел на Европа, тие што се богати купуваат исклучително квалитетни шапки по нарачка и никогаш од продавниците низ трговските центри. Еве ќе ги споменам дипломатите кај нас, кои ми се редовни клиенти и кои навистина знаат што бараат“, вели Илчо.

За овие загрижувачки појави кај шапкарството како занает и за тоа што може да се стори за истиот да не изумре така лесно, разговаравме и со директорката на Занаетчиската комора на Скопје, Снежана Денковска.

„ Мислам дека сѐ уште не е доцна повторно да се заживее со тоа што ќе се искористи техниката на правење на шапки во комбинација со некој модерен моден дизајн и ќе се направи нешто ново и носливо. Инаку како класично шапкарство, нема да има интерес. За сите оние занаети што се стари и за кои сметаме дека може да се искористат техниките, ние не дозволуваме тие да изумрат. Инаку оние старите занаети чии производи повеќе не се употребливи, дефинитивно не може да се вратат. Тоа се занаети што веќе не му се потребни на човекот, како на пример самарџиите. Освен како сувенири, тие не можат да најдат друга намена“, вели првата дама на Занаетчиската комора, објаснувајќи дека единственото што може да се направи е тоа да се имплементираат некои програми во кои старите мајстори ќе бидат обучувачи на младите и ќе се пренесе нивното знаење.

„Токму со Ацо говоревме да направиме една програма, тој ќе замине во пензија, но ние да го користиме како мајстор и да ги учи младите што се заинтересирани. Тоа всушност и не е некој занает од кој може многу да се заработува, но има и такви заинтересирани уметници што навистина сакаат да се занимаваат со ова. Јас се надевам дека од класичното шапкарство ќе произлезат нови и модернистички моменти. Шапкарството е еден навистина убав занает, особено она класичното, токму за тоа говоревме и со некои луѓе од театрите кои велат дека кога старите мајстори ќе заминат во пензија, ќе нема кој да им ги изработува шапките за претставите“, објаснува директорката.

Можеби сето ова е само еден мал, но значаен апел дека остана уште малку време за да го вратиме сјајот во очите на старите скопски шапкари. Тие велат дека многу малку е потребно за шапките повторно да се актуелизираат. Бараат заедно со одговорните лица, модните куќи и модните дизајнери да ги вратат шапките на пиедесталот во можеби помодернизирани изданија. Со тоа можеби и конечно ќе се врати шармот на скопските улици, токму оној за кој нашите мајки ни раскажуваа до доцна во ноќта. Можеби ќе се врати и елеганцијата кај младите девојки, а со тоа и парискиот дух и шарм што некогаш го раскажувале улиците на Старата скопска чаршија.

Објавено:
27 јануари 2014
Категорија: 
Стории