Една математичка анализа за хипстерите би изгледала вака:
Хипстерството е збир на вредности и норми на однесување и на облекување кои разликуваат една група од културата на пошироката заедница во која припаѓаат. Супкултурно движење кое мутира во однос на стилови, вкусови и однесување и кое е широко поврзано со инди и алтернативна музика, разновиден имиџ што не е мејнстрим, генерално прогресивни политички ставови, органска и здрава храна како и алтернативен начин на живот. Хипстери се млади боеми кои припаѓаат на богата или средната класа луѓе во општеството. Терминот кој денес се користи, за прв пат се појавува во 1990 – тите и особено се актуализира во 2010 – тата година. Зборот хипстер луѓето кои не се доволно информирани за оваа култура и начин на живот го поврзуваат со претенциозност или луѓе кои трендовски премногу се трошат. Според аналитичарите идејата на современиот хипстер е всушност мит, односно маркетиншки трик кој особено им оди во прилог на модните куќи и брендови.
Во една статија на Хафингтон Пост, со наслов: „Кој е хипстер?“, Џулија Плејн тврди дека дефиницијата за „Хипстер“ е нецелосна и дека секој еден кој нема допирни точки со оваа култура никогаш нема да го сфати нејзиното вистинско значење. Во написот „The Death of the Hipster“ (Смртта на хипстерот), од април 2009 година на Роб Хорнинг, тој вели дека хипстерот е всушност олицетворение на постмодернизмот, како еден вид потрошувачка сила, чија модна визија се граничи со естетизмот на совршено споените комбинации и принтови и храбрата истрајност во создавање на вакви секојдневни визии. Во Њујорк Тајмс, пак новинарот Марк Грејф, вели дека терминот е создаден за да предизвикува универзална вознемирености според него ваквиот начин на живот и однесување не е ништо друго туку обичен блеф.
Нема ништо лошо во тоа да сакате винил плочи, да пиете кафе кое е со висок квалитет, да возите убав велосипед или да јадете вкусни специјалитети. Нема ништо инхерентно погрешно во тоа да сакате да носите карирани кошули или очила во стилот на Кларк Кент, шапки на теме или вратоврска пеперутка со цветен принт во комбинација со карирана кошула.
Прашањето е малку посуштинско за овие луѓе, а тоа е пораката која сакаат да ја пренесат и како таа влијае врз останатите општествени и културни движења и начини на однесување и живеење на останатите луѓе.
Како хипстерите можат истовремено да изгледаат толку слични,а сепак да бидат толку различни?
Математичарот и невролог Џонатан Тубол го има одговорот на вистински долготрајната генерализација на изгледот на хипстерите, за тоа колку тие се слични, а колку различни и колку преферираат исти, а колку различни работи.
Вашингтон пост има фантастична пресметка со табели, графикони и математички пресметки кои го објаснуваат откритието – хипстер. Малку е збунувачки, но во основа се сведува на избор и контрадикторности кои истовремено ги обединува и спротивставува мејнстрим стилот со алтернатива или нормкор наспроти панк.
„Нормкор“, всушност претставува ироничен анти стил, поим на облекување во целосно конвенционален и неопределен начин. Пред повеќе од една деценија, научно –фантастичниот писател Вилијам Гибсон прв ја долови сликата која стана симбол за естетскиот израз наречен „нормкор“. Тој во романот: „Pattern Recognition“, го опишува својот протагонист Кејси Полард кој носи црна маичка на кратки ракави, тенко сиво џемперче со V- израз и предимензионирани црни фармерки од марката Левис - 501. Тој опис всушност целосно го дефинира „нормкор“ стилот кој воопшто не е наметлив, туку просечен и едноставен.
Во сите примери до сега, констатиравме дека секој сам поседува инстант знаење за стиловите кои одредени луѓе ги носат. Луѓето знаат дека мејстрим е дефиниција за нов тренд, односно преодот кога еден стил застарува, а друг се актуализира. Мејстрим личност е онаа која постојано буквално „скока“ од тренд во тренд се со цел да се претопи во толпата која слепо следи модни правила и тенденции и настојува да биде лојална. Мејнстрим е да се биде и изгледа онака како што општеството мисли дека треба и налага. Аврил Лавињ, на пример, на почетокот на својата кариера ја популаризираше вратоврската како нешто што секој може да ја носи, ја претвори во нешто „нормално“, нешто што секој може да го носи и комбинира. Создаде мејнстрим тренд.
Сите хипстери се синхронизираат и почнуваат да осцилираат во дует, квартет или поголеми групи. Тука се поставува прашањето: што значи сето ова за иднината на хипстер модата. Проучувачите на овој тренд се едногласни во тој поглед и велат дека нема некое поголемо значење. Цигара фармерките се носеле и пред 15 години, а се носат и денес. Класичните фармерки со висок струк, предимензионирани во делот околу колковите и тесни надолу денес повторно се актуализираат. Нив не ги носат само хипстерите, туку и оние кои негуваат нормкор стил.
Живееме во хипер – мета пост - иронично време. Крајниот резултат на оваа математичка равенка за хипстерството која прво ја усложивме и потоа ја упростивме вели дека најдобро и најпаметно за секој човек е да си развие и негува свој сопствен стил без притоа слепо да ги следи чекорите на модата. Без оглед на вашата возраст, научете да бидете креативни и рационално да ги користите „старите“ парчиња облека од вашите родители кои често знаат да бидат сосема успешен пандан на актуелните трендовски парчиња.
Има ли пофраерска и помодерна од бомбер јакната на вашиот татко, предимензионираниот волнен капут на вашата мајка, бохо фустаните од хипи времето. Искористете го она што го имате дома, бидете креативни и научете дека не е важно да ја знаете цената на сè и сешто, туку неговата вредност. Суштината е секогаш тренди и модерна за разлика од формата. Суштината е вистинска и таа останува, формата е лажна и се менува. Одберете ја вашата вистина за модата.