Модерниот градник слави јубилеј од 100 години постоење

8 октомври 2013

 

Во чест на 100-годишнината од постоењето на градникот, да се потсетиме на неговото значење и да ги видиме неговите модерни трансформации низ годините.

Во едно неодамнешно истражување на група девојки и жени од различни возрасти им било поставено прашање кое парче облека го сметаат за најголема револуционерна иновација која го подобрила не само квалитетот на нивното постоење, туку и начинот на кој тие се чувствуваат удобно, комотно и самоуверено. Одговорот во најголемиот број случаи бил градникот!

 

 

Градникот е релативно нов изум, кој бил дизајниран околу 1800 година. Од две зашиени шамивчиња кои биле првичната креација за изгледот на градникот, па се до денешните милиони модели, во најразлични бои дезени и материјали. Создавањето на градниците првенствено се случува како резултат на потребите и желбите на жените. Од првиот градник па се до денес тој мутирал во кројот и моделот стекнувајќи совршени перформанси и карактеристики кои гарантираат удобност, функционалност и сексапил.

 

 

Историскиот момент датира некаде околу 1914 година со првиот патентиран дизајн на градник кој и се препишува на  Мери Фелпс Џејкоб. Жените се чувствувале „фрустрирани“ и незадоволни од рестриктивните корсети, па затоа Мери го создаде првиот модел на градник, кој беше склоп од две марамчиња, порабени со розова панделка чија лента се врзува за вратот. Едноставниот дизајн ги плени социјалните кругови, а жените полудеа по ова парче облека. Подоцна е наречен “backless brassiere“ и за разлика од корсетот, многу подобро е прилагоден на женското тело, а жените обожавале да го носат со вечерни тоалети на важни манифестации, собирања и социјални дружења.

 

 

Овие две марамчиња ја означија базата за понатамошниот развој на градникот, а неудобните корсети, буквално ги пензионираа, бидејќи сите беа фасцинирани и преориентирани кон новиот практичен и модерен стил на градникот. Во 1920 година беше произведен првиот модел на градник кој многу наликува на денешните креации. Имено, беше изработен од две посебно дизајнирани чашки наречени „Kestos“, кои биле изработени од парчиња ткаенина на предната страна, а позади му биле зашиени потпонки кои биле прицвртени со копчиња од предната страна и лента која се врзувала на грбот. Иако овие градници не нуделе некоја голема „подршка“ на градите и грбот како овие денешниве, сепак ова е првиот модел како што наведовме и погоре кој најмногу наликува на денешните модели на градници.

 

 

Истата 1920 година, само малку подоцна се лансираше брендот Maidenform, кој и ден денес е мошне популарен, а го има дизајнирано првиот градник за тинејџерки и бремени жени. Подоцна во 1930 година, почнаа да се воведуваат големини на чашките на градниците, бидејќи претходните модели беа универзални и не се правело разлика, денес пак жените можат да избираат помеѓу  А, Б,Ц,и Д големина на чашки.

 

 

Следниот месец жените ширум светот ќе го прослават јубилејот од 100 години на постоење на градникот, 100 години откако Фелпс ги ослободи од фишбаните на неудобните корсети. А поимот градник се појави како корисна кратенка веќе во 1937 година, па се до денес.

Својата најголема популарност градникот ја доживеа во четириесеттите и педесеттите години. Жените моќта на градникот ја комбинираа со црвениот кармин, брановидна фризура и црни чорапи, синоним за сексапил, женственост и елеганција. Ѕвезди од калибарот на Мерилин Монро, Рита Хејворт и Џејн Расел нескромно и самоуверено позираа облечени по градник.

 

 

Но најголема слава и бум градникот доживеа во 80-тите години кога Жан Пол Готје го дизајнираше конусниот градник на поп кралицата Мадона за нејзината тогашна „Blonde Ambition“ турнеја. Подоцна пак, 90-тите претставуваат епска ера за градниците  со лансирањето на кампањата од страна на Wonderbra, каде позира супермоделот Ева Херцигова. Денес сите стереотипи се срушени и голем дел од познатите ѕвезди воопшто не се срамат да позираат во градници било да се работи за кампања, едиторијал или музичко видео. Градниците засекогаш ќе останат на кралскиот трон поради фактот што жените едноставно ги обожаваат, а дизајнерите користејќи го тој момент и им ги задоволуваат естетските, но и практичните потреби и желби.

 

 

 

 

Објавено:
8 октомври 2013
Категорија: 
Стории