Патот низ светот на една Македонка

Новите авантури на Ивана Чолаковска

10 септември 2015

Во интервју за Fashionel, на почетокот на годинава имавте можност да ја запознаете Ивана Чолаковска, „непоправлив" авантурист кој ги ужива благодетите на секој нов ден. Повеќе од пет години таа е светски патник кој во својот богат дневник ги запишува неповторливите искуства и доживувања од посетите на секоја нова земја.

Деновиве, таа ни испрати возбудливо писмо со нови импресии од новите патувања. Ги читате во продолжение:

...76.000 километри и продолжуваме понатаму се додека ја исполниме целта. Патот околу свет со мотор го забави темпото во Латинска Америка. Обид за кражба, несреќата која заврши со скршени коски, долгите патишта низ Патагонија, тешкиот пат поминувајќи ги Андите беа причина за тоа. Но, луѓето и убавините од оваа земја не натераа да се заљубиме во истите и заради тоа и немавме причина да брзаме.

Сега сме во Гватемала. Позади нас оставаме 37 земји заобиколени во непрекината форма, секогаш со истиот мотор, речиси две ипол години без да се вратиме дома. Сега навистина се чини многу време, дури и Азија почнавме да ја паметиме како нешто далечно. За некои ова претставува само одмор и шетање, додека за нас е една тешка борба да останеме цврсти и ништо да не може да не порази. Но, патувањето не прави да бидеме силни и да се почувствуваме дека можеме да се справиме со се.

Што следува: Земјата на Маите, Мексико каде што ќе патуваме до почетокот на новата година. Потоа Америка и Канада.Патувањето во Северна Америка ќе заврши во Дедхорс ( најсеверната точка во Алјаска, и нашиот триаголник ќе биде комплетиран: Улуру, Ушуаја и Дедхорс),па време е да се вратиме назад дома. Ќе го преминеме каналот на Беринг за да стигнеме до Русија, Монголија и да се вратиме назад до Европа.

Како може да не поддржите: На сите прво на памет им доаѓа дека е најтешко да се финансира патувањето. Преживуваме правејќи презентации во врска со истото патување. Пишуваме за важни списанија во Шпанија и Америка статии и ги продаваме заедно со нашите фотографии и на тој начин можеме да го платиме горивото за нашиот мотор. Но, горивото за нашата душа неможе да се купи со пари.

Може само да се нахранат нашите души од коментарите, пораките и поддршката која ни ја пракате преку нашата страница на фејзбук. Следете не и пишувајте, така ни давате сила за да продолжиме во остварување на нашиот сон и да продолжам да бидам мала амбасадорка за нашата мала земја која се вика Македонија и на секој ќош на планетава да се слушне за неа: www.facebook.com/aroundgaia

Објавено:
10 септември 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.240 пати