Приказната за талентираното девојче од спотовите на Сиа

12 мај 2015

Повеќето девојчиња на 12 годишна возраст веројатно ги молат родителите да си стават обетки, да почнат да излегуваат во град или пак да преспијат кај другарите. Но, Меди Зиглер од Пенсилванија, иако има само 12 години, има сосема поинаков живот од сите останати врсници.

Јавноста за прв пат ја запозна во реалното шоу Dance Moms, од каде дефинитивно многумина и предвидоа светла иднина, што и се случи. Откако благодарение на шоуто, Меди беше забележана од големата светска ѕвезда Сиа, таа почна неспрестајно да се појавува во нејзините видео спотови, настапи во живо и телевизиски програми.

Денеска, малата Меди има три милиони следбеници на Инстаграм и речиси милијарда прегледи на видеата на Јутуб.

Пред четири години, слатката Меди беше сосема непознато девојче кое обожуваше да игра и водеше сосема нормален живот во Пенсилванија.

Во 2011 – тата година, нејзината мајка Мелиса била поканета да биде дел од реалното шоу Dance Moms, каде заедно со Меди доживеа неверојатен успех.

Оттогаш, Меди се појави во видеата за некои од најголемите хитови на Сиа меѓу кои и Chandelier, Elastic Heart и Big Girls Cry. Заедно со Сиа, таа досега се појавила во шоуто на Елен Деџенерис, Џими Кимел, но и на големи музички настани меѓу кои и на годинешните Греми награди.

Дека Меди денеска е планетарно позната, говори и фактот што на неодамнешното појавување во продавницата на Топшоп, таа предизвикала вистинско лудило кај обожавателите што сакале да се фотографираат со својот идол. Поради тој настан, Меди денеска има тим на телохранители што се грижат за неа 24/7.

„Повеќе не се чувствувам како сосема нормално дете со обичен живот, бидејќи каде и да се појавам, луѓето ме препознаваат и постојано сакаат да се фотографираат со мене. Понекогаш, се случува да настане вистински хаос околу мене и тоа во сосема вообичаени моменти кога само сакам да јадам сладолед со моите другарки“, вели малата Меди.

Во едно неодамнешно интервју таа вели дека веќе знае како да се носи со статусот на ѕвезда и самата е свесна дека секогаш мора да се однесува правилно и прибрано, бидејќи повеќе не е само обично девојче.

„Само сакам да бидам професионална, не сакам никој да мисли дека не ја сфаќам сериозно мојата професија. Сфатив дека јас не сум само танчерка во позадина, јас сум главната танчерка“, вели Меди.

Иако досега таа има постигнато огромен успех и богатство, 12 – годишната танчерка вели дека не е целосно задоволна од постигнатото и дека има уште многу работа пред себе.

sia

„На скалата од еден до 10, чувствувам дека сум некаде кај деветката, бидејќи дефинитивно морам уште да напредувам. Знам дека можам да постигнам уште повеќе“, вели малата и талентирана Меди.

Објавено:
12 мај 2015
Категорија: 
Стории