Приказни од градот: Носам тоа што мене ми е ќеиф

26 октомври 2018

Петра е еден од оние позитивни, урбани ликови кои ќе ви внесат боја во денот, шаренило на секое ниво и сето тоа со добар муабет на секоја тема која вклучува уметност, култура, а особено филм. Токму филмот во голем дел го дефинира нејзиниот животен стил, па се одразува дури и во имиџот и начинот на облекување, а нејзините филмски критики може да ги читате на gledaj.mkc.mk. Вели дека не е човек кој е комформист и кој се вклопува во поставени рамки, па ако се дефинира некаков дрес код на работното место, таа е првата што ќе даде отказ :) Ја забележавме на Инстаграм @petraamidala каде често објавува содржини со хумористична или саркастична содржина и фотографии во кои ќе ја забележите нејзината непосредност.

„Сакам мода, но не сум фан на трендови или модни блогови или исценирани фотографии. Се облекувам токму онака како што се чувствувам. Некогаш сум тотално во уличен фазон, па дури можам да облечам и нешто кежуал на некој културен настан, бидејќи тоа сум јас и така се чувствувам во моментот. Облеката ја користам за да се изразам себе си во моментот. Зависничка сум од онлајн купување. Огромен фан сум на интересни чорапи. Ептен ми е филм кога сум на пример целосно облечена во црно и кога на таа комбинација ќе додадам впечатливи чорапи, да „штрчат"! Периодов сум опседната со жолта боја, верјатно поради есента. Дури некогаш може да се облечам во жолто од глава до пети. Ако стават дрес код на работа, јас сум првата што ќе даде отказ! Не можам да се замислам себе си да се ставам во такви рамки. Некогаш другарите знаат да ми искоментираат: Петра супер ти е комбинацијава, ама чевливе кај ги најде? На тоа често знам да одговорам: Океј, го прифаќам твојот коментар, ама сепак ќе го носам тоа што мене ми е ќеиф", вели Петра.

Сè што носи Петра, тоа го прави на неконвенционален и единствено на неа својствен начин. Специфична, впечатлива, со силно изразена индивидуалност. Ја прашавме што е најкарактеристичен белег на нејзиниот стил?

-Штосни чанти. Имам една многу драга чанта во форма на филмска камера, а бидејќи јас сум огромен фан на филмови, ќе ја издвојам токму таа. Покрај чантите, пак ќе ги спомнам чорапите, а ќе додадам и дека обожавам капи, шешири, беретки. Исто така имам една фризура која ми е заштитен печат, со плетенки, по тоа и ме препознаваат луѓето.

Со оглед на тоа дека е голем филмофил, неизбежно беше, а да не продискутираме како таа се нашла во приказната со филмската критика.

-Семејна традиција и гени. Мојот покоен чичко беше режисер и предаваше во Осло, а најмногу се занимаваше со режирање на кратки филмови. Исто така татко ми е голем љубител на филмови и таа љубов ми ја пренесе и мене. Уште кога бев мала ме носеше во кино, гледавме ретро филмови... Таа култура се учи уште од мали нозе. Исто така дома имам наследство од „old school" проектори и филмски ленти и сет тоа оставило некакво влијание врз мене... Јас сум дел од колективот gledaj.mkc.mk и таму имавме можност дополнително да се образуваме за филмска критика, нè мотивираат да ја развиваме нашата страст кон филмовите. Па благодарение на тоа искуство имам и уште поголем респект кон филмската уметност.

Низ муабетот ни откри дека нејзина најголема страст се новите независни филмови.

-Јас најмногу сум заинтересирана за новиот независен филм. Ги почитувам сите стари филмови и ремек дела, и тоа што е снимано во 50-ти, 60-ти, 70-ти, 80-ти, има голем број на филмови што ги сакам од тие временски периоди, но лично најмногу го сакам новиот независен филм. Најомилен режисер периодов ми е Пол Томас Андерсон. Го гледав и неговиот последен филм „ Phantom Thread" кој всушност обработува приказна за животот на моден дизајнер Рејнолдс Вудкок од 50-те години во Англија. Тој филм според мене е ремек дело, ми остави голем впечаток и го препорачувам. Ова е дело кое спојува две умпетности, филмот и модата. Инаку сакам да гледам и психолошки и филозофски драми, што се занимаваат со тоа каков е човекот, дефинирање на ликови и карактери, есенцијални кризи. Ама исто така многу почитувам и визуелно добри филмови.

Бидејќи често можеме да ја видиме на различни културни настани, ама и журки, побаравме од Петра да ни издвои Топ 3 културни случувања според неа.

-Секоја година со нетрпение го чекам „Синедејс", токму поради тоа што многу сакам филмови. Секогаш има што да се види и секогаш има добра програма. „Паратисима" исто така е супер спој на различни форми на уметноста, настан каде што многу може да се види. Исто така ги пддржувам сите проекти на „Long Bus" и нивните журки ми се супер.

Нашиот разговор го почнавме и го завршивме со Инстаграм. Секој оваа социјална мрежа ја доживува различно, а како Петра го користи Инстаграм?

-Како личен дневник. На мојот инстаграм профил може да се видат неколку работи: мене и моите најблиски пријатели :) Многу често користам „story" како експресија и сите што ги ставам имаат некоја смешна или саркастична порака позади нив поради тоа што никогаш Инстаграм не го зимам за нешто премногу сериозно. Се што ставам сакам да има некоја доза на хумористична содржина.

 

Објавено:
26 октомври 2018
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.263 пати