Индивидуалните промоции на македонските дизајнери треба да ги врамиме во една поширока рамка и да ги прифатиме како промовирање на македонскиот моден дизајн пред глобалната публика, што е бенефит за комплетната домашна модна индустрија.
Добар дел од таквите дизајнери кои успеале да допрат до „светска слава“, се со македонско потекло, но живеат и функционираат токму во оние земји каде модниот пазар е високоразвиен што им е дополнителна олеснителна околност во комуникацијата со светот. Но, целосна почит заслужуваат и оние дизајнери и модни куќи кои токму од матичната база во Македонија успеале да го привлечат глобалното вниамние.
Еден од најуспешните дизајнери со македонско потекло кој веќе со години успешно функционира на светската модна сцена е Марјан Пејоски кој во 2003-та година го лансираше и својот бренд KTZ со свое седиште во Велика Британија . Едно од неговите најфамозни светски појавувања е со креацијата „лебед“ која на Оскарите во 2001 година ја носеше ексцентричната пејачка Бјорк. Иако оваа негова креација наиде и на многу негативни критики, сепак беше одлична маркетиншка промоција. Од тогаш, дизајните на Пејоски ги носеле ѕвезди со светска слава од калибарот на: Рита Ора, Мајли Сајрус,Сијара, Кање Вест, Деми Ловато, Ерика Баду, Ријана, Бијонсе и нејзините танчарки ...
Тони Матичевски иако директно не е поврзан со македонската модна сцена, и важи за дизајнер кој е роден и успешно функционира во Австралија, сепак неговото потекло е македонско и се радуваме на неговите успеси како на домашен дизајнер. Тој е еден од оние дизајнерите кои светските трендсетерки го обожаваат. Меѓу последните појавувања, негови креации видовме и на црвениот килим на доделувањето на MTV музичките награди каде црн коктел фустан со транспарентни делови, носеше водителката Рене Барг. Инаку, во негови креации се појавиле и актуелната Ким Кардашијан, холандската принцеза Мери, австралиската убавица Џенифер Хокинс, Алиша Кис, Мирослава Дума и уште многу други светски познати имиња, а исто така негови креации често гледаме во реномирани едиторијали за престижни модни магазини.
Елена Лука е македонски моден бренд кој функционира од својата матична база во Македонија, а чекори паралелно со светските стандарди во модната индустрија. Едно од најзабележителните појавувања со креација на оваа македонска модна куќа, имаше преубавата актерка и модел Натали Гал која на престижната холивудска манифестација „Night of 100 stars“ се појави во уникатна и сексапилна транспарентна креација која ја следи линијата на нејзината силуета и беше во совршен спој со нејзината перфектна фигура. А неодамна, во јулското издание на бугарската едиција на магазинот Grazia, беше промовирана фантастична футуристичка фотосесија со креации од последната колекција на Елена Лука, Golden Reins.
Младата и авангардна македонска дизајнерка Александра Митковска, исто така е предизвик за светската модна сцена. Нејзини креации сме забележале во повеќе модни едиторијали за светски магазини, но и на црвените килими на домашни и регионални манифестации. Меѓу последните појавувања на нејзини креаации видовме во едиторијал на српски Elle од нејзината колекција есен-зима 2013-2014, како и на црвениот килим на минатогодишниот Сараевски филмски фестивал.
Ристо Бимбилоски веќе има свој дизајнерски печат и обожаватели на интернационалната модна сцена. Корин Фокс, ќерката на култниот актер Џејми Фокс, носеше урбана младешка креација со негов потпис на доделувањето на Греми наградите.
Етаблираниот дизајнер Никола Ефтимов исто така имал значајни соработки на глобално ниво, меѓу кои и со генијалниот уметник R.O Flinn кој во 2011 година направи серија фотографии со парчиња од линијата за машка долна облека Lezzet.
Во едиторијали за светски модни магазини исто така биле промовирани пред светската јавност и дизајни на Лидија Георгиева, Јована Филиповиќ, Ненад Секирарски, LUDUS, Росица Мршиќ и други дизајнери-промотори на македонскиот моден дизајн во глобалниот свет на модната индустрија.