Водечките рок дами на 90-тите...

12 јануари 2015

Долго пред денешниве „рок – диви“ да го преземат интернет просторот со нивните погрешни идеи за феминизам, навидум бунтовните рок песни и површниот изглед, во светот постоеја тврдокорни рокерки со уникатен стил на живот.

Дефинитивно, 90 – тите години беа ера за паметење, особено по одличните панк – рок женски бендови со лидерки кои беа олицетворение на бунтовноста и кои создаваа песни вредни за слушање.

Денеска, се потсетуваме на некои од најдобрите панк – рок женски бендови од 90 – тите, но и на некои од најзначајните девојки по кои многумина лудуваа, иако тие баш и не беа пример за живот каков секој треба да води.

Bikini Kill - Американскиот панк рок бенд на чело со прекрасната Кејтлин Хана се смета за пионер на riot grrrl движењето, а истите беа најмногу познати по нивните радикални феминистички текстови на песните и жестоките настапи. По двата одлични албуми и неколкуте компилации, бендот се распадна во 1997 – та година на неверување на многу од нивните обожаватели.

Шинеад О’Конор - Ирската сензација која кариерата ја започна некаде во 80 – тите со нејзиниот деби албум The Lion and the Cobra, доживеа фасцинантна популарност во светот во 90 – тите години со нејзината Nothing Compares 2 U. Покрај нејзината одлична кариера во која таа вметна девет соло албуми, песни за филмови и бројни концерти, таа е позната и како голем поборник за правата на жените и на децата и голем хуманитарец.

The Breeders – Американскиот алтернативен рок бенд беше формиран токму во 90 – тите години од Ким Дил од The Pixies и Тања Донели од Throwing Muses. Иако нивниот прв албум Pod лансиран во 1990 – тата година, не доживеа некој фасцинантен успех, Last Splash од 93 – та на чело со нивната најпозната песна Cannonball, направи вистинска сензација меѓу рок популацијата од тоа време.

The Smashing Pumpkins – Иако тие не беа вистински пример за генерацијата од 90 – тите, не може да се оспори фактот дека беа исклучителен рок бенд со примеси на готик рок, хеви метал и електронски моменти во нивната музика. Тие дефинитивно беа едни од најуспешните бендови во 90 – тите години, но нивниот начин на живот и постојаните кавги направија бендот да се распадне во 2000 – та година.

Кортни Лав – Без сомневање, Кортни Лав е дефинитивно девојката која остави огромен стилски печат во 90 – тите години со нејзините луди комбинации по кои луѓето ја препознаваа. Ја препознаваа и по откачените текстови на песните за кои таа доби и многу награди и признанија. Доколку ви недостасува, единствената Кортни оваа година тргнува на турнеја со Лана Дел Реј!

Бјорк – Авангардната пејачка која кариерата ја започна како соло артист некаде во 1993 – тата година, на светот многу брзо му стана омилена благодарение на нејзиниот прв албум Debut. Низ годините, таа дефинитивно разви поинаков еклектичен музички стил во кој ги вклучи денс музиката, рокот, џезот, класичната и експериментална музика. И денеска, таа е една од најобожуваните пејачки на сите времиња.

Со оглед на тоа што има голем број рок девојки од 90 – тите на кои би сакале да се потсетиме, ова нека биде само увертира за вториот дел што следува!

Објавено:
12 јануари 2015
Категорија: 
Стории