Приказни од градот

Волшепство од филц – креативни рачни изработки

16 декември 2022

Кретивноста нема граници. Таа е во тесна врска со фантазијата. Кога ќе се спојат потребно им е само малку време и љубов за да се роди нешто прекрасно. Една таква креативна и полна со љубов приказна креирале Наташа и Елена, две млади жени кои прават уникатни рачни изработки. 

За тоа како започнале и кој бил поттикот за Волшепство од филц, прочитајте во продолжение.

Како се роди идејата за Волшепство од филц?

Најчесто за да се дојде до некоја идеја, потребно е нешто да те инспирира. Првичната идеја беше да се направи нешто интересно и декоративно за детските соби на нашите дечиња. Значи нашата прва инспирација се децата. Пребарувајќи по интернет ги сретнавме корпите за играчки направени од филц. Решивме и направивме. Резултатот беше воодушевувачки, па ги објавивме на социјалните мрежи.

Од каде ја црпите креативноста?

Инспирација ни е детскиот свет кој не поттикнува да ги создадеме нашите рачни изработки. Идеите доаѓаат спонтано. Креативноста е дарба, но доколку не вложиме труд во замислената идеја, не би ја постигнале целта.

Колку време одзема една изработка?

Предизвик и задоволство е секое парче да биде убаво и беспрекорно изработено. Времето за изработка зависи од моделот кој што го изработуваме (корпа за играчки, обележувач за книга, привезок...) деталите и сложеноста на самиот производ. Некогаш ни се потребни неколку часа, а некогаш и неколку денови.

Што се бара најмногу и во кој период од годината?

Најчесто барани производи се декорации за родендени кои ги делат во одделението наместо слатка закуска. Првоаприлските маски беа хит оваа година. Велигденски и новогодишни декорации... претежно сè што е поврзано со поголемите празници во годината се периоди кога имаме најмногу за изработка.

На кои изработки сте особено горди?

Посебно сме горди на корпите за играчки, бидејки со нив ја започнавме нашата приказна. Задоволни сме со секоја наша изработка. Горди сме секогаш кога од парче материјал ќе креираме нешто кое ќе предизвика насмевка на детското лице.

Сте користеле ли друг вид на материјали за некоја изработка?

Основен материјал кој ги користиме ни е филцот. Но, секако дека користиме додатни материјали како ева пена, ластик, циркони, друг вид на текстил и.т.н. Филцот е крут материјал и не секогаш можеме да го искористиме во ситните детали на изработката.

Што е следно на листата за претстојните празници?

Се радуваме на престојните празници и задоволство ни е кога црпиме инспирација од нив. Персонализирани чорапчиња, лампиончиња, дводимензионална елка за најмалите се производите кои ни се најбарани. Оваа година најатрактивни се лампиончиња со почетната буква од името на детето.

Нашиот мал бизнис опстојува веќе втора година. Сакаме, се трудиме и ќе продолжиме да креираме и создаваме нови изработки што ќе ги радуваат децата.

 

Објавено:
16 декември 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
635 пати