За Милчо Манчевски, Холивуд и Италија – ексклузивно интервју со светски познатиот мејкап артист Марио Микисанти

9 август 2021

Некои работи можете да ги планирате долго, но спонтаните да излезат многу подобро. Е токму така беше и со нашата средба со Марио Микисанти.

Можеби неговото име не ви е звучно, но на холивудскиот свет му е и тоа како добро познато. „Letters to Juliet“, „Tristan + Isolde“, „The Passion of the Christ“, „Gangs of New York“, „The Last Temptation of Christ“... А меѓу сите овие проекти се и „Сенки“, „Мајки“ и најновиот филм на Милчо Манчевски -  „Кајмак“.

Пред самото завршување на снимањето, успеавме да го направиме и овој ексклузивен разговор.

Го чекавме Марио во фоајето на хотелот „Лимак“. Дојде точно навреме, и иако изморен, беше подготвен веднаш да го започнеме разговорот.

Фармерки, бела кошула, малку раскопчана, со подвиткани ракави од кои ѕиркаат и неколку тетоважи – и без да му го знаете името ќе речете „Овој човек е Италијанец“.

Се смести во аголот од софата и го започнавме разговорот.

Го прашав од кога датира неговото познанство со Милчо и како се запознале, добив одговор што да бидам искрена и ме изненади:

-Треба да се има добра меморија за да одговорам на тоа  - се пошегува -  се запознавме пред 40 години, во 1979 година, ако добро ме служи сеќавањето. Бев повикан да работам на филм на Бранко Гапо и отпатував за Струга, односно Охрид. Се работеше за приказна, која се одвива во 1930-те и тие одлучија да повикаат некој што ќе може со искуство да одговори на задачата. Приказната се одвиваше околу две села во кавга поради вода. Немаше доволно вода за двете села, тие постојано се расправаа околу тоа колку да земат, потоа почнува војната, а на крајот, двете села се потопени од вода и изгледаат како две езера. Од немање вода, сега беа само вода. Беше тоа навистина интересна приказна, во чие снимање се најдовме и двајцата, а нѐ запозна токму Бранко Гапо – раскажува Марио.

Да, сеќавањето го служи одлично. Се работи за филмот „Време, води“, чија премиера се случува во 1980 година, каде е собрана исклучително позната и квалитетна актерска екипа, а во кој Милчо Манчевски има една од споредните улоги.

Децении подоцна, Марио е повторно во Македонија, работејќи на најновиот филм на Манчевски – „Кајмак“.

Марио на сет на „Кајмак“ - фото: Маја Аргакијева

-Зошто сакате да работите со Милчо?

-Тој ме викна и за „Прашина“, но за жал не бев слободен. Во првата прилика кога бев слободен дојдов, бидејќи го знам од 18-годишна возраст. Дојдов како пријател, бидејќи и јас го сметам за пријател. Но, покрај тоа и повеќе од тоа – тој е одличен режисер! Да се биде на сет со Милчо е неверојатно искуство, бидејќи тој не знае што е баналност. Секоја сцена што ја прави, начинот на кој ја работи, во неговата глава е исклучително прецизна, осмислена до детаљ. Сум работел и на добри и на лоши филмови. Оваа година одбележувам 50 години од мојата работа. Започнав кога имав 18, а сега имам 68 и време е да застанам. Но, кога ќе добијам покана за нешто интересно и ако можам да придонесам, јас седнувам во автомобил и доаѓам. А токму таков беше случајот сега за „Кајмак“ - посочува Марио.

Работејќи во Македонија, вклучувајќи ја и оваа посета на Скопје за снимањето на споменатиот филм, зборувавме и за неговите впечатоци од македонските актери, како и тоа дали му е поголем предизвик трансформацијата на млади или возрасни лица.

фото: Маја Аргакијева

Марио ја подготвува Камка за снимање; фото: Маја Аргакијева

-Не гледам така на тоа. Секоја работа ми е предизвик, ми доаѓа природно. Ако знаеш што да правиш – едноставно го правиш. Така и сега. Додека работев на шминката, излегуваа сцени и целиот процес е како сликање... Има добра актерска екипа, а со режисерот секако претходно зборуваме, се договараме, знам што треба да правам и од приказната. Но, морам да признам дека има нешто што ме расплака. Кога дојдов на снимање, го прашав Милчо, каде е Салко зарем тој нема да биде во филмот? И тој ми кажа дека Салко починал. Морав да си заминам веднаш, бидејќи морав да се исплачам. Јас го знам само како Салко, не му го знам дури ни презимето. Но, морам да кажам дека тој е еден од најголемите и најдобрите актери што некогаш сум ги запознал! Да се родеше во Франција, Англија или Америка, можеше да биде и еден од најголемите актери во светот. Толку беше добар, неверојатен и јас сум навистина тажен што повеќе го нема – со искрени чувства Марио зборуваше за актерот Салаетин Билал.

Но, покрај овој тажен момент, Марио се присети и на млади талентирани луѓе, кои вели, дополнително му го разубавеле престојот тука.

- На почетокот сите филмови се исти – не е важен, ниту буџетот, ниту филмот. Оние со мал буџет се поважни. Тука посебно сакам да учествувам. Кога филмот има голем буџет сѐ е лесно. Овде ги запознав Анастасија и Анита, исклучително талентирани девојки, кои со мене работеа на шминката. Јас имав среќа во животот, но не сите луѓе ја имаат таа шанса. Затоа сакам да помогнам кога ќе видам некој талентиран. Пред некој ден работевме и со Горан, одлично момче, кое ми побара совет. И му го дадов. Јас немам тајни. Ние Италијанците го имаме и Данте и Леонардо итн, но знаеме да бидеме и многу глупави. Многу од колегите кога ја прават шминката, им велат на асистентите да останат надвор. Но, како ќе научат тогаш? Тоа е глупаво“, посочува Марио.

На прашањето како успеал да стаса до Холивуд, без клише и филозофии, вели дека имал среќа да запознае вистински луѓе токму кога требало.

- Би рекол дека имав среќа да ги запознаам вистинските луѓе во вистинско време, кои ме внесоа во овој голем бизнис на филмови. Но и моето семејство, од страната на татко ми, е во светот на филмовите. Баба ми работеше на создавање на костимите, дедо ми беше главен техничар за електрика, татко ми исто така, како и чичко ми. Во 1970-тите не сакав да одам на училиште, имав долга коса, бев хипик, верував во „Love & Peace“. Одлучив дека не сакам да продолжам со образование, што беше многу глупаво, а татко ми беше очаен поради таа моја одлука. Во тоа време, го познаваше најдобриот мејкап артист во Италија, кој имаше и фабрика за перики и ме запозна со него. Два дена подоцна, јас работев во фабриката и таму останав три години. Кога наполнив 18 години, одлучив да напуштам, а други мејкап артисти веднаш почнаа да ме викаат да им бидам асистент, бидејќи знаев сѐ за перики, бради... Не секој знае да постави брада, па ме викаа мене да ја завршам работата. Кога имав 25 години, одлучив дека нема веќе да работам за други, дека ќе работам за себе.  Беше тешко, бидејќи на 25 сѐ уште си млад и никој не ти верува дека си доволно добар за да работиш самостојно цел филм. Но, полека, работите почнаа да се придвижуваат и еве ме сега.

-Кој беше првиот голем проект на кој работевте, кој будеше возбуда кај вас?

-Не знам... За мене, сите филмови во почетокот беа големи проекти... Потоа, зависно од тоа како ќе помине филмот, можеш да зборуваш дали бил голем проект или не. А тоа зависи од многу нешта. За првиот самостоен и не можам да се сетам, но се сеќавам на првиот на кој работев како асистент. Работев со еден од најголемите италијански актери, Алберто Сорди. Седум години подоцна, работев еден филм за поемата „Силвија“ на Џакомо Леопарди, еден од најголемите италијански поети. Таа поема ја учевме и на училиште и ми остави голем впечаток. Го паметам овој филм. Јас го напуштив училиштето, но читав многу. Учев самиот, бидејќи бев свесен дека многу работи имам пропуштено. Денес, зборувам три јазика. Живеев во Лондон, во Париз, а сега најголемиот дел од времето го поминувам во САД.

И на споменувањето на неговиот живот во САД, се надоврзува и приказната за познанството со Кевин Костнер, кој има привилегија да го нарече свој пријател:

- Со Кевин се познававме и од порано, но работата на серијата „Hatfields & McCoys“ помогна да направиме скок во нашето познанство. Режисерот Кевин Рејнолдс ме повика и ми рече дека сум му потребен за една тв серија, која ја работи со Костнер. Тука започна нашето пријателство, би рекол. За него работам и лична шминка. Поради моите години, не знам колку веќе ме привлекува да трчам по сетови, да станувам во 4 часот наутро. Кевин Костнер е фантастичен актер, но пред сѐ тој е неверојатен човек. Многу фин човек. Кога сум во САД ми вели: „Ако имаш време и ако сакаш да се видиме, ќе се видиме. Ако не, во ред е“. И неговото семејство е навистина прекрасно, и сопругата и синовите. Всушност, тој е човек кому семејството му е пред сѐ! Тоа му е најважно! Не е само холивудска ѕвезда. Имав искуство и со Шон Пен работејќи на „The Рrofessor and the madman“. Првин имавме проблем, но го надминавме и него исто така можам да го наречам пријател. Сум работел навистина со големи имиња, но не се сеќавам дека некогаш сум имал некаков проблем со некој од нив. И затоа се и ѕвезди, бидејќи, пред сѐ, се луѓе  – открива Марио.

Еден од поважните проекти на кои работел е и филмот на Мел Гибсон, „Passion of the Christ“.

-Да ми каже некој денес да ја правам шминката за „Passion of the Christ“, не знам дали би можел да ја направам. На тој филм работеа седум луѓе од Америка, но на Гибсон не му се допаѓало како ја правеле брадата на Исус. Потоа ме повикаа мене. Повикот стаса во 3.30 наутро. Првиот асистент ми рече да се обидам и од тој момент почнав да работам. Не знам дали сѐ уште го можам тоа. Имено, за тој филм, на дневно ниво правевме по 600 бради, долги бради. Имаше денови кога го правевме тоа, а Мел Гибсон не се појавуваше. Еден ден, втор ден - го нема, трет... Тој беше посветен на ликот на Исус, но ние немавме веќе материјал за брадите. Јас загрижен им реков: „Но, ние немаме веќе коса“, на што веднаш добив одговор  – „Нема проблем, ќе набавиме“. Филмот требаше да се снима 10, но се снимаше 20 недели. Мел сам го плаќаше снимањето, немаше спонзор или поддршка. Но, ниту еднаш за тоа време не го слушнав да рече: „Побрзајте, да го направиме ова побрзо, трошиме пари или немаме пари“. Никогаш не го рече тоа. Користевме преку 300 литри крв на сетот, се снимаше во прекрасната Матера. Мислам дека сум работел шминка на Исус повеќе од сите други“.

А токму тоа го работел и во филмот на Скорсезе, „The Last Temptation of Christ“ – искуство, кое ретко кој го има, особено ако се земе предвид дека во филмот главната улога ја има Вилем Дефо, а дел од актерската екипа е и Дејвид Боуви.

 - Тој филм го снимавме во 1987 година во Мароко, а со Скорсезе го работевме и „Gangs of New York“. Има нешто неверојатно во работата со Скорсезе. Тој не е многу висок, но на сет е вистински џин. Сум работел и лична шминка за Дефо. Кога бев млад, не сакав да работам лична шминка, ме интересираа филмови, да создавам. Сега сум сосема подготвен и тоа често го работам. Имав шанса да соработувам и со Џон Франкенхајмер, режисерот на „Birdman of Alcatraz“ . Me повикаа да ја направам шминката за еден друг филм, прашав дали треба да земам нешто, ми рекоа дека нема потреба, дека нема да има многу работа. Но, всушност имаше. Сакаше човек, кој седи на столче, да биде целосно во изгореници. Тоа немаше врска со мојата работа, но секако го направив. Од тој ден, секогаш бев столче до столче со Џон  и имам супер фотографии со него.

- Очигледно добро сте сработеле.

-Да, навистина добро. Тој е од оние што отпуштаат луѓе додека да трепнеш, а јас ја имав привилегијата да имам место до него.

Но, тоа не е единственото признание кое го добил. Може да се пофали со многу меѓународни награди, но и со неколку номинации за „Еми“ и една освоена, како и номинации за „Оскар“.

фото: Маја Аргакијева

-Во Лос Анџелес сите сакаат да бидат актери. Кого и да прашате, истото ќе ви го каже. Се сеќавам на мојата прва номинација за Еми, облеков убаво одело и го прашав режисерот што треба да правам, а тој ми кажа: „Ништо -  ќе отвориш шампањ и ќе ги ставиш нозете на масичка. Сѐ е подредено на овој момент. За ова се работи!“.

-Како изгледа да се биде таму?

-Имаат фантастична организација. Чекорењето по црвен килим е како сон. Но, потоа сфаќаш дека е реалност. Таа година за серијата „Hatfields & McCoys“ имавме 16 номинации, освоивме три награди – Кевин Костнер за главна улога, Том Берингер за споредна и јас. Одлично е чувството! Имав три номинации и на последната добив статуетка. Првата номинација беше за една епизода од „Библијата“, серија на италијанска телевизија. Многу често работите со наградите функционираат на принцип – ако не го гледаш - го нема. Но, не е така. Ако не го гледаш не значи дека го нема. Шминката спаѓа во таа категорија.

Има и номинации за „Оскар“ од кои едната е навистина чудна приказна. Бил ангажиран за филм во кој главната шминка требало да ја сработи друг, но на крај и таа задача му припаднала нему. Но, не и номинацијата. Сепак, на крајот добил писмо од Академијата во кое му се извиниле.

И не можевме да го завршиме разговорот без да ја споменеме и модата.

-Италијанец сте, ја сакате ли модата, каков однос имате кон неа?

- Да, сакам мода. Брат ми работи во таа индустрија, соработува со неколку брендови. Тоа е нешто што го носиме во ДНК. Растеме со тоа. Јас живеам во Рим, но да отидете и во Фиренца, Палермо, Милано – секаде е исто. Тоа е нешто со што се раѓаме, начин на култура, живот, традиција... Нешто што сме должни да го почитуваме. Многу ми е жал што новите генерации трошат премногу време на мобилни телефони. Трошат повеќе од 3 месеци од животот на мобилен телефон – тоа време никој нема да ви го врати... Тој тренд е глобален. Луѓето шетаат и гледаат во телефон. Мислам дека тоа е премногу.  Инаку, со брат ми, делиме куќа што ја купивме во Италија на село. Имаме осум кучиња и две мачки. Со едно од нив дојдов и тука во Македонија. Обожавам животни. Ги сакам повеќе од луѓето. Тие не зборуваат, тие се чиста емоција. Кога Господ го создавал светот рекол: „Ова е прекрасно. Ајде да направиме нешто ужасно. Ајде да ги создадеме луѓето“, вели Марио допирајќи го приврзокот со крст.

-Религиозен сте?

- Верник сум, тоа е дел од нашата култура. Пораснат сум со тоа убедување. Верувам во Исус, како човек, бидејќи тој правел добро за други луѓе. И затоа не разбирам како убиваат луѓе во име на религија. Без разлика од која вера се.

-А постои ли нешто за што жалите?

-Професионално, направив сѐ што сакам. Единствената работа за која жалам е што дозволував работата да ја носам секаде со себе. Сепак, на овие возрасни години, мојата работа останува надвор. Ние не сме нашата работа. Работиме за подобар живот, но не живееме за работа. Но, кога си оженет за некој што ја работи истата работа, тешко е да ја направиш таа граница. Жалам за мојот развод, бидејќи мојот син тогаш имаше само 7 години и проблеми, кои го мачеа. На 15 години одеше на психолог поради тие проблеми, а никој не знаеше за тоа. Денес и тој е психолог. Толку навлегол во тоа, што посакал да им помогне и на другите. Треба да сме поблиску едни до други. Јас знам ова да го правам и зошто да не помогнам. Ги сакам луѓето сепак, иако животните ги сакам повеќе.

-Марио, Ви благодарам за оваа можност и убавиот разговор. Можеби ќе се сретнеме повторно во Скопје или Италија...

-Кој знае... Сѐ е можно. Ништо не форсирав во животот. Го прифаќав тоа што доаѓа. И тоа е и мојата порака до вашите читатели – можете да правите големи планови, но да не се остварат. Но, не значи дека нема да се остварат во некоја друга форма. Прифатете сѐ што ви доаѓа, многу е поедноставно така.

Објавено:
9 август 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
3.371 пати