Што има Милица Стојанова да каже како Алма Малер?

22 јануари 2015

Алма Малер не е ништо друго освен бесконечно повторување на музиката од која потекнува љубовта и заради која љубовта сама по себе е доволен принцип за живеење...Љубовта во мигот што трае колку бесконечноста...го завршува Сашо Димоски романот „Алма Малер“ што на 28 јануари ќе оживее во „Балетската сала“ на Македонскиот Народен Театар.

Aвторот на текстот, ја отвори денешната прес конференција на која беше најавена и премиерата на претставата.

„Преку ваква уметничка екипа дефинитивно се изострува чувството за уметност. Тие му даваат вредност плус на романот. Ја прават Алма Малер нешто повеќе, ја поставија помеѓу животот и театарот. Кога двете прекрасни актерки Милица и Звезда ја толкуваат на сцената, имате чувство дека може да се изгубите во нивните очи...“, раскажа Димовски.

Фасцинантно тешкиот живот на една од најубавите австриски девојки, композиторката и сопруга на големиот Густав Малер, Алма Малер пред македонската публика ќе го прераскажат неверојатно талентираните Милица Стојанова и Звезда Ангеловска во истоимената претстава во режија на Васил Зафирчев.

Како што и самиот режисер посочи на денешната прес конференција, за него режирањето на оваа претстава била вистинска провокација и огромна чест на која со задоволство одговорил.

„Многу ретко се занимавам со вакви раскошни биографии за женски ликови, особено за еден комплексен како што е самата Алма Малер. Особена чест ми беше да работам со две големи актерки како Милица и Ѕвезда кои се од сосема различни генерации, а сепак и двете поседуваат раскошен театарски талент. Особено фасцинира што и двете имаа посебен актерски сензибилитет и сериозен животен багаж“, изјави денеска Зафирчев.

Тој посочи и дека приказната на големата Алма Малер може да биде сечија женска приказна, а токму преку истата клучни животни одговори ќе најдат сите оние кои ќе бидат дел од премиерата на 28 – ми.

„Создавајќи ја претставата, сакавме врз основа на биографијата на Алма Малер да изградиме едно наше, уникатно читање на нејзиниот лик. Во претставата ќе бидете сведоци на феноменот смрт наспроти животот, сега и овде. Милица ќе ви ја претстави старата Алма Малер која постојано се обидува да се помири со себеси и со нејзиниот Густав Малер, додека Звезда ќе ја видите во златните години од животот на Алма, рамо до рамо со Густав како еден од најголемите композитори и диригенти“, раскажа Зафирчев.

Легендата на македонскиот театар, Милица Стојанова со посебен шарм по кој и воопшто е препознатлива, говореше за огромната чест таа да и пренесе на публиката дел од животот на Алма Малер.

„Морам да признаам дека ме фати малку паника од комплексноста на улогата, кога пред една година за прв пат ми ја понудија. Но, кога го прочитав текстот, тој ме зароби, јас живеев со Алма, се обидов да ги почувствувам сите нејзини трауми, задоволства и пред сѐ огромната трпеливост што ја поседувала. Ќе кажам повторно дека во нашата професија не е најважна возраста на актерот, туку енергијата да се опстои“, посочи Стојанова.

Нејзината помлада колешка со која таа игра во претставата, Звезда Ангеловска, истакна дека пред сѐ, фасцинантен е моментот што ќе имаат можност заедно да го пренесат ликот на Алма пред публиката.

„Ќе се повторам со Милица дека кај актерите возраста дефинитивно не постои. Ја имам таа чест во оваа претстава да играм со партнерка која има толку многу живот во себе. Алма Малер ќе биде претстава за нашата душа, таа е дефинитивно провокација за секоја актерка. Ќе биде тоа претстава и за постарите и за помладите генерации кои ќе можат да видат еден пример како на поинаков начин да се истражат сите аспекти на животот“, изјави шармантната Звезда.

За сите оние кои сакаат да уживаат во една малку поинаква претстава, во една сосема уникатна интерпретација на една женска судбина со раскошни актерки од две генерации, истата ќе можат да ја погледнат на 28 – ми месецов во Македонскиот народен театар.

Костимите за претставата ги подготви македонската дизајнерка Тања Кокев, додека честа да се погрижи за авторскиот дел од музиката ја имаше Калиопи Букле. Дел од музичкиот репертоар е дело на Васил Зафирчев и Сашо Димовски, а извршен продуцент е Верче Пецева. За целосната продукција се погрижи Арт – маркетинг, а копродукцијата е на МНТ.

Извршен продуцент - Верче Пецева Извршен продуцент - Верче Пецева

Објавено:
22 јануари 2015
Категорија: 
Култура